САД ја блокираа дистрибуцијата на медицинска помош вредна околу 9,7 милиони долари, вклучувајќи повеќе од 26 милиони кондоми, милиони пакувања апчиња за контрацепција, интраутерини направи (спирала), импланти и над 50.000 ампули со лекови за превенција од ХИВ, складирани во белгискиот град Гел, објавува белгискиот весник „Ниевсблад“.
Оваа помош, набавена преку програмите на УСАИД за неразвиените земји, е целосно блокирана откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го прекина финансирањето за агенцијата.
Медицинскиот контингент моментално се разгледува за уништување и планот е да се испрати во Франција за согорување, за што американската влада би платила околу 167.000 долари.
САД тврдат дека планот за уништување не вклучува кондоми и лекови за ХИВ, туку само одредени контрацептивни производи како што се спирали, импланти и апчиња.
Белгија и организации како што се Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и MSI Reproductive Choices, невладина организација со седиште во Лондон, понудија бесплатно собирање, препакување и дистрибуција на стоката, но нивните понуди беа одбиени.
Хуманитарните организации и европските институции остро го критикуваа потегот како „неефикасен и нечувствителен“, опишувајќи го како идеолошки мотивиран и штетен за репродуктивните права на жените кои се во опасност.
Во Соединетите Американски Држави, во Конгресот се поднесени закони за спречување на уништување на залихите, но нивното усвојување се смета за малку веројатно.
Во јануари, американскиот претседател Доналд Трамп го прекина финансирањето на УСАИД, а во февруари агенцијата беше ефикасно распуштена, а хуманитарната помош лежи неискористена во магацин.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата