logo
logo
logo

Русија ја регистрира вакцината „спутник лајт“: се дава една доза, ефикасна е против новите видови

Vecer | 06.05.2021

Русија ја регистрира вакцината „спутник лајт“: се дава една доза, ефикасна е против новите видови

Еднокомпонентната вакцина против коронавирусот „спутник лајт“ е регистрирана во Русија, а нејзината ефикасност е 79,4 проценти. Тоа е повеќе отколку кај многу вакцини во две дози, објави Рускиот фонд за директни инвестиции (РФПИ).

„Министерството за здравство на Русија, Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ и РФПИ објавуваат дека е регистрирана еднокомпонентната вакцина против коронавирусот, „спутник лајт“. Ефикасноста на еднокомпонентната вакцина е 79,4 проценти од 28-миот ден по имунизацијата. Стапката на ефикасност од околу 80 проценти ја надминува стапката на ефикасност на многу вакцини за кои се потребни две дози“, се вели во соопштението.

Според лабораториското истражување на центарот „Гамалеја“, вакцината „спутник лајт“ е ефикасна против сите нови видови на коронавирус, се додава во соопштението на Фондот.

„Не се регистрирани сериозни несакани ефекти по имунизацијата со вакцината ‘спутник лајт’“, се наведува во соопштението.

Вакцината „спутник лајт“ е првата компонента на вакцината „спутник В“ – рекомбинантен аденовирусен вектор кој користи човечки серотип 26 (Ad26).

„Спутник лајт“ не бара посебни услови за складирање и логистика, а цената е прифатлива – помалку од 10 долари, пренесува „Спутник“.

Режимот на единечна доза овозможува голем број луѓе да се вакцинираат за кратко време.

Шефот на РФПИ, Кирил Дмитријев, посочи дека „спутник В“ останува главно средство за вакцинација против корона во Русија, додека еднокомпонентната вакцина „спутник лајт“ ќе се извезува во странство.

Рускиот фонд објавува дека првата доза на вакцина „спутник В“ ширум светот ја примиле повеќе од 20 милиони луѓе до 5 мај.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk