logo
logo
logo

Рано утрово Израел изврши напади врз воени цели во Иран

Vecer | 26.10.2024

Рано утрово Израел изврши напади врз воени цели во Иран

Израел смета дека има право и должност да одговори на нападите на Техеран и на неговите посредници, што вклучуваат ракетни напади од иранска територија.

-Сега можам да потврдам дека го заклучивме израелскиот одговор на нападите на Иран против Израел. Направивме насочени и прецизни напади врз воени цели во Иран - спречувајќи непосредни закани за државата Израел. Израелските одбранбени сили ја исполнија својата мисија. Ако режимот во Иран направи грешка и започне нова рунда на ескалации, ние ќе бидеме обврзани да одговориме. Нашата порака е јасна – сите оние кои и се закануваат на државата Израел и се обидуваат да го внесат режимот во поширока ескалација ќе платат висока цена. – Даниел Хагари – Портпарол на ИДФ

Си Ен Ен повикувајќи се на свои извори пренесе дека израелскиот напад врз Иран започнал во 2 и пол часот утринава, траел околу четири часа и веќе е завршен и дека авионите безбедно се вратени назад.

Државната новинска агенција ИРНА пренесе соопштение на иранската команда за противвоздушна одбрана во кое објави дека израелските воздушни напади врз воени центри во Техеран, западната провинција Илам и југозападната провинција Кузестан биле пресретнати и успешно спротивставени и предизвикале „ограничена штета“, без да наведе детали. Потоа вооружениите сили соопштија дека двајца ирански војници загинале.

Портпаролката на иранската влада Фатемех Мохаџерани ги поздрави силите за воздушна одбрана на земјата за нивната моќна акција за одбрана на воените локации од најновите израелски напади, велејќи дека акцијата ја оживеала националната гордост на Иранците.

САД велат дека се посветени на одбраната на Израел и го предупредија Техеран од можни последици доколку одговори на нападите.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во телефонски разговор го уверил својот израелски колега во поддршката на САД за правото на Израел да се брани.

-Секретарот Остин ја потврди силната посветеност на Соединетите Држави за безбедноста на Израел и правото на самоодбрана.  Секретарот го нагласи зајакнатото држење на силите на Соединетите Држави за одбрана на американскиот персонал, Израел и партнерите од целиот регион наспроти заканите од Иран и терористичките организации поддржани од Иран и решеноста на САД да спречат кој било актер да ги искористи тензиите или да ги прошири конфликт во регионот, се вели во соопштението на Пентагон.

Иран на први октомври истрела околу 200 балистички ракети кон Израел, како одговор на израелските интервенции во појасот Газа и во Либан.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk