Со маневар на рускиот претседател Владимир Путин избегната е тешка рецесија во економијата бидејќи високата цена на нафтата го неутрализира ефектот од санкциите, пишува Блумберг.

– Москва успеа да избегне голема рецесија благодарение на преземените мерки за стабилизирање на рубљата и значителниот приход од извозот – се наведува во текстот.

Во написот се забележува дека, според сите сметки, заканите од Запад дека овие мерки ќе и нанесат голема штета на Русија не се остварија, туку Русија се соочува со многу поблага рецесија отколку што првично очекуваа многу аналитичари. Според нивното мислење, за тоа придонесе растот на производството на нафта, што го ослабна влијанието на американските и европските санкции.

Во текстот се наведува дека Москва покажала неверојатна способност да го издржи налетот на санкциите од Западот, на кој, од друга страна, му се закануваат економски и политички проблеми.

По почетокот на руската инвазија во Украина, Западот го зголеми притисокот на санкциите врз Москва. Многу земји најавија замрзнување на руските средства, се погласни се повиците за целосно блокирање на увозот на руски енергетски производи.

Овие мерки се покажаа како проблем за самиот Запад – ја зголемија инфлацијата и цената на храната и горивото.

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, истакна дека санкциите нанесоа сериозен удар на целата светска економија. Според него, актуелните настани повлекуваат линија под глобалната доминација на Западот и во политиката и во економијата.