Рускиот претседател Владимир Путин му го честиташе 90. роденден на првиот претседател на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, нарекувајќи го исклучителна фигура на модерната ера која имала значително влијание врз текот на историјата.

Телеграмата на Путин до Горбачов, кој го слави јубилејот на 2 март, беше објавена на веб-страницата на Кремљ.

„Примете ги моите честитки по повод 90. јубилеј. Вие со право припаѓате на плејадата извонредни луѓе, исклучителни државници од модерната доба, кои имале значително влијание врз текот на татковинската и светската историја“, рече рускиот лидер.

Претседателот додаде дека професионалното и животно искуство, енергија и творечки потенцијал му помагаат на Горбачов да учествува во јавна, едукативна работа, како и во посветувањето внимание на реализацијата на меѓународните хуманитарни проекти.

Горбачов беше на чело на Советскиот Сојуз од 1985 до 1991 година како генерален секретар на Комунистичката партија на СССР, а потоа и како претседател на СССР. Откако ги потпиша Беловешките договори во декември 1991 година, тој објави дека ја напушта функцијата претседател.

Крајот на Студената војна, повлекувањето на трупите од Авганистан, но и распадот на советската економија и распадот на земјата се поврзани со владеењето на Горбачов. Тој исто така придонесе за колапс на комунизмот во источноевропските земји.

Горбачов е добитник на Нобелова награда за мир во 1990 година. Неговата кандидатура беше предложена од германските власти, како знак на благодарност за ставот на Горбачов во врска со обединувањето на Германија.

makfax.com.mk