logo
logo
logo

Прв пад на бројот на населението во Кина во последните 50 години

Vecer | 28.04.2021

Прв пад на бројот на населението во Кина во последните 50 години


Кина треба да го пријави првиот пад на населението во последните пет децении, откако ги објави резултатите од пописот, објави денеска британскиот весник „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на информирани извори.

Прашањето за населението е многу чувствително и податоците нема да бидат објавени сè додека кинеските владини агенции не постигнат консензус за податоците и нивните последици, додава ФТ.

„Ако Кина потврди таков пад, тоа ќе биде голема работа“, рече Џивеј Џанг, главен економист во „Пинпоин асет“ во Шенжен.

Тој вели дека врз основа на проекциите на Обединетите нации, кинеското население треба да го достигне својот врв во 2027 година, но, според него, тоа би можело да биде многу порано отколку што очекуваа пазарите и законодавците.

Кинеското национално биро за статистика, кое требаше да ги објави резултатите од пописот на почетокот на април, не го објасни одложувањето на објавувањето, но рече овој месец дека е потребна дополнителна подготвителна работа.

Кинеските државни медиуми во последните месеци известуваа дека бројот на населението може да започне да се намалува во следните неколку години.

Во 2016 година, Кина ја укина повеќедецениската политика на „едно дете“ со надеж дека ќе го зголеми бројот на бебиња, заменувајќи ја таа мерка со политиката на „две деца“.

Во тоа време, исто така, беше поставена цел да се зголеми населението на околу 1,42 милијарди до 2020 година, од 1,34 милијарди во 2010 година.

Сепак, стапката на наталитет продолжува да опаѓа.

Причината е што урбаните двојки, особено оние родени по 1990 година, повеќе ја ценат својата независност и кариера отколку да основаат семејство, и покрај притисокот на родителите да имаат деца.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk