Како што е соопштено, црните кутии биле пронајдени околу 11:30 часот и биле извадени од остатоците на авионот.
Претходно Јавното обвинителство на Литванија соопшти дека досега собраните податоци укажуваат дека причина за падот на авионот на DHL може да биде технички дефект или грешка на пилотот.
Оттаму за БНС изјави дека прелиминарните причини за авионската несреќа треба да бидат познати во рок од неколку дена.
Виткаускас, исто така, го демантира извештајот на администрацијата на DHL во Германија дека авионот извршил принудно слетување.
Second angle of DEADLY cargo plane crash pic.twitter.com/8owv7E6OY3
— Daily Mail Online (@MailOnline) November 25, 2024
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок вчера изјави дека Германија соработува со Литванија и Шпанија во истрагата за авионска несреќа во близина на аеродромот во Вилнус за да се утврди дали се работи за несреќа или друг хибриден напад, пренесе Ројтерс.
Бербок рече дека бранот хибридни напади врз луѓето и инфраструктурата ја стави Европа во готовност.
Авион на DHL се урна вчера наутро во близина на аеродромот во Вилнус, при што загинало најмалку едно лице, а неколку се повредени.
Полицискиот претставник Рамунас Матонис за ЛРТ потврди дека во авионот имало четири лица, а еден од двајцата пилоти загинал.
Надлежните се уште немаат информации за евентуални жртви во близина на зградата или во зградата каде што се урнал авионот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата