Францускиот претседател Макрон ги оствари најавите и од говорницата на Обединетите Нации порача дека е време да се стави крај на насилството и да се примени концептот за две држави.
-Времето дојде. Лојален на историската посветеност на мојата земја кон Блискиот исток и за мир меѓу израелскиот и палестинскиот народ изјавувам дека Франција денеска ја признава државата Палестина., изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Израел одлуката на Макрон ја нарече срамен политички циркус откако претходно предупреди дека на најновиот притисок може да одговори со анексирање на Западниот брег.
-Ова е театар, зашто сите знаеме дека тоа нема допир со реалноста. Додека Макрон и неговите колеги слават, 48 заложници ќе останат во заробеништво во Газа. , изјави Дани Данон, амбасадор на Израел во ОН.
Но, израелскиот револт не поколеба уште пет европски земји да го следат францускиот пример. Монако, Белгија, Малта, Луксембург и Андора објавија дека ја признаваат палестинската држава додека првиот човек на Обединетите Нации порача дека државноста е право, а не награда за Палестинците.
-Израел и Палестина да живеат еден до друг во мир и безбедност на нивните признати граници во рамките на нивните безбедни и признати граници врз основа на границите од пред 1967 година, со Ерусалим како главен град на двете држави - во согласност со меѓународното право. , изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.
Палестинците во Газа велат дека бранот признавања се добредојдени, но дека поважно им е крвопролевањето да престане.
-Признавањето на нашата земја ништо не ни значи додека убиствата продолжуваат. , жител на Газа.
-Живееме само теоретски, животот ни е екстремно тежок. Секој ден се селиме од едно на друго место. , изјави жител на Газа.
Палестинскиот суверенитет досега го признаа над 150 држави од вкупно 193 во Обединетите Нации или три четвртини. Покрај САД и Израел, и Македонија е меѓу 40-те земји кои се против. Македонската влада не размислува за промена на позицијата.
-Тоа сме го комуницирале повеќе пати во минатото и тука нема промени. , изјави Христијан Мицкоски, претседател на влада.
Од европските земји против палестинската државност во оваа фаза се Германија и Италија, како и Грција, Хрватска, Финска, Холандија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата