Вистинскиот војник се бори не затоа што го мрази она што е пред него, тука затоа што го сака она што е зад него, порача генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во празничната честитка упатена денеска до војниците кои служат во мисиите на Алијансата.
- Во овој момент на неизвесен свет, каде што не е секогаш лесно да се размислува за мир, надеж и светлина, ние можеме да бидеме смирени и силни знаејќи дека стоиме заедно. За тоа им должиме голема благодарност на нашите мажи и жени во униформа, изјави Руте.
Тој потенцира дека токму овие војници на НАТО со своите услуги и жртви, особени оние кои се далеку од своите домови, ни даваат поголема доверба и храброст и го штитат и чуваат „нашиот начин на живот“.
- Поради вас сме слободни и безбедни да прославуваме во сезоната на празници, им порача Руте на војниците на НАТО.
Руте посочува дека една од најдобрите работи од тоа да се биде генерален секретар на НАТО е можноста за средби со голем број мажи и жени во униформи во Алијансата.
- Откако ја презедов функцијата, се сретнав со силите на НАТО од Балтикот, до Црното Море. Бев длабоко импресиониран од професионализмот и посветеноста на нашите трупи во Естонија, Летонија и Бугарија и персоналот на Новата команда на НАТО во Германија, каде се обезбедува поддршка за Украина, додава Руте во пораката.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата