Дорнау склучил договор со локалниот затвор и вработил белоруски политички затвореници во неговата земјоделска компанија ООО Зибулка-Бел, пишува Politico.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко ја засили политичката репресија и започна масовно затворање на дисиденти и политички противници по изборите во 2020 година, кои другите земји главно ги сметаат за наместени.
Еден работник од нивите во Дорнау рекол дека сортирал кромид за околу пет евра дневно, откако во февруари 2024 година завршил во затвор за една објава на социјалните мрежи. Тој ги опишал тешките услови за работа каде појадуваат во 7 часот наутро, а потоа нема вода и храна до крајот на работниот ден во 8 навечер.
"Нѐ донесоа во некој ужасен подрум. Луѓето носеа секаква облека, а рацете и нозете ни се смрзнуваа. Но, кромидот беше вкусен", рекол затвореникот.
Работниците се под надзор на чувар кој одлучува дали затвореникот воопшто ќе добие пари или не. Иако работата не била форсирана, сите заработени пари оделе за одржување на затворот.
Според извештаите, Дорнау ја посетил својата плантажа со кромид барем еднаш и лично ги видел работниците.
"Го видов. Висок, ќелав човек", рекол затвореникот, потврдувајќи дека човекот кој ја посетувал плантажата е навистина Дорнау.
„Дојде еднаш со својот автомобил со германски регистерски таблички. Дојде во магацинот каде заедно со ангажираните работници чистевме кромид“, тврди соговорникот.
Дорнау се уште не одговорил на прашањата на бројните медиуми кои во меѓувреме ја објавија оваа вест.
Јорг Дорнау ја претставуваше екстремно десничарската, популистичка партија АфД во парламентот на Саксонија од 2019 година и веќе беше на удар на критики поради неговите односи со Белорусија, земја која одржува пријателски односи со Русија.
Минатиот месец, парламентот му наредил на Дорнау да плати казна од нешто повеќе од 20.000 евра затоа што не ги пријавил своите деловни врски со плантажата Зибулка-Бел. Компанијата била регистрирана во Белорусија во 2020 година, додека земјата беше потресена од продемократски протести.
Според белоруската организација за човекови права Вијасна, во Белорусија има 1.300 политички затвореници. Белорусија е под санкции на Европската унија поради постојана внатрешна репресија и кршење на човековите права.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата