logo
logo
logo

Полскиот премиер: Ќе ѝ испратиме тенкови „Леопард“ на Украина без дозвола на Германија

Vecer | 23.01.2023

Полскиот премиер: Ќе ѝ испратиме тенкови „Леопард“ на Украина без дозвола на Германија

Соединетите држави и нивните сојузници минатата недела не успеаја да го убедат Берлин да дозволи испраќање на тенкови Леопард 2 до линијата на фронтот, а тешките тенкови Украина ги смета за клучни за успехот во борбата против руските сили. Полска е првиот поборник за испорака на Леопарди и ги повикува земјите што ги имаат овие германски тенкови да ги испратат во Украина дури и без одобрение од Берлин.

„Ќе ја побараме таа дозвола, но тоа е помалку важно. Дури и ако не добиеме дозвола, сепак ќе ги испорачаме нашите тенкови во Украина заедно со другите земји“, изјави премиерот Моравјецки за новинарите.

„Сега треба да формираме мала коалиција на земји“, објасни тој.

Германија нема да застане на патот на Полска да ги испрати своите тенкови Леопард 2 во Украина, изјави вчера шефицата на германската дипломатија Аналена Баербок за француската телевизија LCI. Тоа беше нејзината изјава на која мислеше Моравјецки.

„Притисокот има смисла затоа што во текот на викендот германскиот министер за надворешни работи даде малку поинаква порака што дава одредена надеж дека Германија не само што нема да го блокира (испраќањето на тенкови), туку на крајот ќе испорача тешка опрема, модерна опрема за да и помогне на Украина“ , рече Моравјецки.

Германската влада е под зголемен притисок да испрати тешки тенкови во Украина кои би можеле да влијаат на рамнотежата на силите на линијата на фронтот.

На состанокот во петокот во американската воена база во Рамштајн, Германија, западните сојузници на Украина ја одложија одлуката за ова прашање, што го налути Киев, кој ја критикуваше нивната „неодлучност“. Од почетокот на војната, германската влада постојано изразуваше претпазливост за испраќање сè понапредни системи на оружје во Киев, но на крајот тие сепак ги доставија.

Владини извори во Германија минатата недела изјавија дека ќе дадат зелено светло за тенковите Леопард доколку САД се согласат да испратат тенкови Абрамс во Украина.

Но, САД јасно ставија до знаење дека нема да го испратат Абрамс во блиска иднина и тврдат дека тоа би било логистички кошмар за украинските сили поради горивото и одржувањето потребно за тие тенкови.

Германскиот тенк Леопард се смета за идеален бидејќи е во сопственост на многу земји, како Полска и Финска, што значи дека тие би можеле да го поделат товарот за опремување на Украина. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Германија е еден од сојузниците што дава најголема поддршка на Украина.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk