Карневалот во Венеција во 2020 година, кој обично привлекуваше туристи од целиот свет, беше скратен кога избувна пандемијата во Италија во февруари истата година, а потоа беше откажан следната година бидејќи владата се обиде да ги намали инфекциите.
„Ова е карневал на надежта“, рече жителот на Венеција, Кристијан Скалисе. „Ковид завршува и се надеваме дека ќе се вратиме во нашиот живот како и секогаш“.
Стапката на нови инфекции со ковид и хоспитализации во Италија постепено се намалува во последниве недели, а владата оваа недела стави крај на барањето луѓето да носат маски за лице на отворено во повеќето околности. Сепак, некои карневалски атракции, како што се парадите, ќе останат забранети за да се избегне зараза, одлучија властите.
„Дојдов овде затоа што го пропуштив карневалот и затоа што не можеме да го прославиме веќе две години“, рече Барбара дел Прато од градот Парма.
Таа отпатувала во Венеција со целото нејзино семејство, сите облечени во усогласени костими.
Околу 50.000 луѓе дојдоа во градот на лагуната за да учествуваат во прославата, објави новинската агенција АНСА, повикувајќи се на локалната полиција.
Венецискиот карневал започна пред неколку векови како период на радост пред строгоста на Великиот пост, 40-те дена на пост што традиционално му претходат на Велигден. Традиционалната карневалска носија често вклучува маска - не како заштита од болести како во сегашните времиња, туку посетителите на фестивалот можат да го сокријат својот идентитет и да прават што што сакаат.
Денеска беа видени само неколку луѓе облечени во костими и расположението беше помирно од вообичаено, но се очекува тоа да се промени во наредните денови како што започнува овогодинешното издание насловено „Запомни ја иднината“, објави Ројтерс.
„Жал ми е што не ги видов маските на Венецијанскиот карневал што би ги очекувал, но тоа е рестарт“, рече Кети Милано, жителка на Венеција.
Карневалот треба да трае до 1 март.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата