logo
logo
logo

Племе во Перу зароби странски туристи, меѓу кои и деца и бремени жени

Vecer | 04.11.2022

Племе во Перу зароби странски туристи, меѓу кои и деца и бремени жени

Домородно племе во перуанскиот Амазон зароби група странски и перуански туристи кои патувале со речни чамци, а тоа го направиле во знак на протест против недостигот на владина помош по излевањето нафта во областа, објавија локалните медиуми.

– Со оваа акција сакаме да го привлечеме вниманието на владата, тука има странци и Перуанци, има околу 70 луѓе, соопшти лидерот на племето Кунинико, Вотсон Трухило за радио РПП.

Меѓу заложниците има државјани на САД, Шпанија, Франција, Обединетото Кралство и Швајцарија. Локалните медиуми јавуваат дека има жени и деца, трудници и лица со посебни потреби. Трухило рече дека заложниците ќе ја поминат ноќта во бродот додека чекаат да се реши ситуацијата.

Тој додаде дека неговата група презела „радикални мерки“ за да изврши притисок врз владата, од која бара да испрати делегација и да ја процени еколошката штета по излевањето на 2.500 тони сурова нафта на 16 септември во реката Кунинико. Излевањето е предизвикано од пукнатина на нафтоводот Норперуано.

Владата и полицијата се уште не го коментираат инцидентот што се случи на притоката на реката Маранон. Домородните заедници веќе го блокираа транзитот на сите пловни објекти по реката во знак на протест. На 27 септември, владата прогласи 90-дневна вонредна состојба во погодениот регион, дом на заедниците Кунинико и Ураринас. Овие две племиња заедно имаат околу 2.500 жители.

Нафтоводот Норперуано долг 800 километри, во сопственост на државната компанија Петроперу, е изграден пред четири децении за транспорт на сурова нафта од регионот на Амазон до пристаништето Пиура, на брегот. Од компанијата тврдат дека до излевањето дошло затоа што некој намерно го оштетил нафтоводот. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk