Пентагон се подготвува да испрати дополнителни американски сили и воена опрема на Блискиот Исток, вклучувајќи ударна група на носач на авиони, дополнителни авиони и копнени системи за воздушна одбрана, објави Ен-би-си њуз (NBC News), повикувајќи се на неименуван американски извор.
- Се очекува дополнителните сили да ги зајакнат американските капацитети, што веќе се распоредени во регионот, во време на зголемени тензии и додека американскиот претседател Доналд Трамп ги разгледува понатамошни потези во однос на Иран.
Претходно, сателитските снимки наводно покажале како носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ плови кон Блискиот Исток.
Според неименуваниот извор, целта на распоредувањето е да се осигури дека војската е подготвена ,во случај Иран да ги нападне американските воени бази во регионот.
- Се очекува опрема и илјадниците дополнителни војници да пристигнат во наредните денови и недели, додаде тој.
„ЊузНејшн“ (NewsNation) вчера објави дека Пентагон го прераспоредува носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ од Јужно Кинеско Море на Блискиот Исток. Според американскиот медиум, прераспоредувањето ќе трае една недела, а поморската формација на носачот на авиони вклучува и други бродови и најмалку една офанзивна подморница.
Пентагон во моментот има распоредено шест воени брода на Блиски Исток. САД имаат воени бази во Саудиска Арабија, Кувајт, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Оман, Израел и други земји.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата