logo
logo
logo

Павел се надева дека Трамп можеби може да го натера Путин на остапки

Vecer | 20.11.2024

Павел се надева дека Трамп можеби може да го натера Путин на остапки

Чешкиот претседател Петр Павел се надева дека одлучноста и „неодоливиот стил“ на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп можеби можат да помогнат да се натера рускиот претседател Владимир Путин на отстапки и да се отвори простор за дипломатија во војната во Украина, иако патот до мирот ќе биде долг и дека е невозможно да се постигне за 24 часа.

„Ако директниот контакт на Доналд Трамп со Владимир Путин би довел до тоа Русија да биде поподготвена на отстапки и да се даде простор на дипломатијата, тогаш тоа би бил голем чекор напред“, вели Павел во интервју за чешкиот таблоид „Блеск“.

Тој оцени дека би вредело да се запре војната дури и по цена на неправеден мир, на пример според сценариото на тимот на Трамп за демилитаризирана зона долж сегашната линија на фронтот.

„Со право на праведен мир, значи не оној што ќе го награди агресорот, можеби не на денот кога примирјето ќе стапи на сила, туку да создаде можност во иднина да се врати меѓународното право – значи територијален интегритет и суверенитет на Украина на целата нејзина територија“, рече тој.

Чешкиот претседател рече дека предуслов е двете завојувани страни прво да почнат да преговараат, а потоа воопшто да прифатат решение.

„Мислам дека прво е потребна волја на завојуваните страни за почеток на преговорите и дури потоа можеме да разговараме како да се постигне мир, бидејќи патот до мирот секако ќе биде долг и не може да се заврши за 24 часа“, рече Павел.

Во интервјуто што денеска го објави „Блеск“, претседателот на Чешка потсети дека додека украинскиот претседател Зеленски зборува за подготвеност за преговори, Русија го извршува најголемиот воздушен напад досега, чија цел е првенствено инфраструктура, односно цивилни цели.

„Намерата е да се парализира Украина како земја која успева да ги обезбеди потребите за живот на своето население и на тој начин да се натера да се согласи на мир под какви било услови“, рече Павел.

Чешкиот претседател, исто така, изрази стравување поради првите потези и назначувањето на клучни луѓе во идната американска администрација и предупреди дека тоа води до пресврт и нестабилност, што не е добро за безбедноста во светот, а исто така се покажало дека бизнис стилот во политиката, напорот да се води државата како компанија, едноставно не функционира.

„Секоја промена која не носи еволуција, туку револуција предизвикува страв. Некои од изјавите на Трамп, на пример во однос на одбраната, како ќе бидат сменети речиси сите генерали бидејќи не одговараат на идеите на новата администрација, имаат обележје на револуција“, рече чешкиот претседател.

Тој предупреди дека светот во оваа геополитичка ситуација не може да си дозволи такви потреси кои предизвикуваат нестабилност. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk