logo
logo
logo

Ова се привилегиите кои ќе ги имаат вакцинираните во Германија

Vecer | 05.05.2021

Ова се привилегиите кои ќе ги имаат вакцинираните во Германија

Веќе следната сабота, вакцинираните граѓани во Германија може да бидат ослободени од одредени мерки против пандемијата, под услов и двата дома на националниот парламент (Бундестаг и Бундесрат), како што се очекуваше, да го поддржат предлогот на кабинетот на Ангела Меркел, пишува Дојче веле.

Во документот се наведува дека две недели по целосната вакцинација - односно по приемот на втората доза на вакцината, освен Johnson&Johnson  каде е доволна една доза - вакцинираните граѓани ќе бидат третирани како оние кои имаат нов негативен тест за тестирање на корона.

Со доказ за вакцинација, луѓето повеќе не би морале да се тестираат, на пример, кога одат во фризер или во зоолошка градина, како што е сега случајот во повеќето сојузни држави. Тие исто така би биле ослободени од тестирање или карантин кога ќе се вратат од странство во Германија, освен ако не доаѓаат од земји прогласени од институтот Роберт Кох за области во кои доминираат мутации на вируси.

За вакцинирани, нема да важи ниту правилото за максимален број на луѓе што можат да се соберат, ниту полицискиот час.

Истите придобивки би биле воведени за луѓето кои ја прележале короната и кај кои поминале помеѓу четири недели и шест месеци од позитивниот наод.

Зошто да не се отворат рестораните?

„Важен чекор кон нормалноста“, рече министерката за правда Кристин Ламбрехт. Таа истакна дека враќањето на основните слободи на вакцинираните не подразбира право на укинување на блокадата и, да речеме, отворање кафулиња или кина. Исто така, секој сепак ќе мора да носи маски и да го одржува растојанието онаму каде што е пропишано.

Коментар на телевизискиот портал РТЛ остро го критикува фактот дека ресторани или хотели не се отвораат веднаш за вакцинираните. „Не станува збор за никакви привилегии за вакцинираните. Станува збор за многу индустрии во Германија практично да бидат забранети за работа. Загрозена е егзистенцијата на многу бизниси“.

Социологот Андреас Кни од Центарот за наука во Берлин размислува поинаку. Тој вели дека би било „токсично“ за социјалната клима за оние кои сè уште немале можност да се вакцинираат да ги гледаат вакцинираните како пијат пиво во кафулињата. „Тоа би ја намалило дисциплината на луѓето и нивото на прифаќање на државниот авторитет“, смета Кни.

Друго е прашањето кога би имало доволно вакцини и рокови за секого - тогаш, продолжува социологот, може дури и да биде стимулативно укинувањето на локдаунот за вакцинираните.

Не ја чекаа владата

Во моментов, строгите ограничувања се воспоставени во повеќето делови на земјата, вклучително и полицискиот час. Три четвртини од окрузите во Германија сè уште бележат повеќе од 100 нови (регистрирани) инфекции на 100.000 жители во последните седум дена. Оваа инциденца е законски идентификувана како клучна за воведување на построги мерки.

Во последниве денови, повеќето сојузни држави веќе објавија или воведоа бенефиции за вакцинираните, не чекајќи ја сојузната влада. Претходно, голем број адвокати ја посочија можноста за бран тужби од вакцинирани граѓани што го оспоруваат правото на владата да продолжи да ги лишува од слобода.

Голем број научни студии покажуваат дека имунизираните луѓе не се релевантни за епидемиолошки настани или дека тие ретко се разболуваат или пренесуваат вирус.

„Не станува збор за посебни права“, рече Винфрид Кречман, премиер на Баден-Виртемберг од Партијата на зелените. „Ние веќе не можеме да ги лишиме луѓето од одредени основни права, без оглед на фактот дека оние кои не биле вакцинирани сметаат дека тоа е неправда.

Страв од фалсификување

Во Германија, околу 24 милиони луѓе примиле барем една доза на вакцина, што е околу 30 проценти од популацијата. Околу осум проценти од нив се целосно вакцинирани.

Приоритетните групи за вакцинација треба да бидат укинати од јуни, бидејќи дотогаш се очекува да има доволно вакцини за сите. Тогаш сите граѓани може да аплицираат за вакцинација.

За почеток, доказот за вакцинираност ќе биде прикажан на хартија, најчесто жолтата книшка на Светската здравствена организација во која се евидентираат сите примени вакцини. Дигиталната картичка нема да биде готова во Германија до крајот на јуни.

Полицијата веќе истражува неколку случаи на трговија со фалсификувани жолти книшки. Некои критичари стравуваат дека бројот на фалсификати може да експлодира кога одредени привилегии ќе бидат поврзани со доказ за вакцинација.

Одлуката во Берлин доаѓа еден ден откако Европската комисија предложи сите членки на ЕУ повторно да дозволат патување за вакцинирани лица од целиот свет. Ова секако би се однесувало на вакцинираните со производи одобрени од ЕУ, но може да се прошири и на други вакцини.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk