logo
logo
logo

Ова е 17- годишникот кој уби три девојчиња во Англија, пет се критично

Vecer | 01.08.2024

Ова е 17- годишникот кој уби три девојчиња во Англија, пет се критично

Тој е по потекло од Руанда, а сега е во малолетнички притвор, пишува Гардијан. Откако ги слушнал сите аргументи, судијата Ендрју Менари К.Ц. одбил да издаде наредба за криење на неговиот идентитет.

Објаснувајќи ја одлуката за откривање на идентитетот на Аксел Рудакубана, судијата рече дека во спротивно ќе се шират разни дезинформации. „Иако прифаќам дека ова е исклучително со оглед на неговата возраст и за шест дена ќе наполни само 18 години, решив да не го кријам неговиот идентитет“, рече судијата. „Ако продолжиме да спречуваме целосно известување, ќе дозволиме ширење на дезинформации“, рече тој.

Во текот на 55-минутното сослушување, Аксел го прекрил лицето со дуксер. Тој одбил да зборува и не сакал ниту да го потврди своето име, пишува Гардијан.

Тој следно ќе се појави пред Судот на Ливерпул на 25 октомври, а судењето треба да започне на 20 јануари. „Вие сте во притвор за млади додека не заврши овој случај. Тоа може да се промени кога ќе пораснете“, рече судијата, а цело време Аксел го игнорираше и не одговараше на неговите прашања.

Да потсетиме, во последните два дена во Англија избија големи протести поради смртоносен напад со нож во Саутпорт. Вчера во Лондон илјадници луѓе, меѓу кои и многу приврзаници на десницата, се собраа во близина на резиденцијата на премиерот во Даунинг стрит. Тие извикуваа „Спасете ги нашите деца“, „Сакаме да ја вратиме нашата земја“ и „Стоп за чамците“, алудирајќи на проблемот со барателите на азил. Уапсени се повеќе од 100 луѓе.

Полицијата соопшти дека нападот не бил поврзан со тероризам и дека осомничениот е роден во Британија, што ги отфрли шпекулациите за неговото потекло. Имено, по нападот, додека се уште немаше официјални информации, на социјалните мрежи се проширија лажни и непроверени тврдења.

Во низа објави и коментари се тврдеше дека напаѓачот се вика Али Ал Шакати, дека е барател на азил кој минатата година дошол во Велика Британија со брод, дека бил на списокот на британската тајна служба МИ6 и дека имал историја на психички проблеми. Ниту еден извор не бил наведен за ниту едно од овие тврдења.

Полицијата во Мерсисајд изјави за Ројтерс дека името што се појави на социјалните мрежи е неточно и дека осомничениот е роден во Кардиф, Велс. „17-годишен маж од Бенкс, Ланкашир, роден во Кардиф, е уапсен под сомнение за убиство и обид за убиство“, се вели во соопштението.

Во Лондон, повеќе од 100 лица беа уапсени за време на протестот, по судирите меѓу демонстрантите и полицијата. Синоќа поголема група демонстранти се собраа во областа на улицата Мареј во Хартлпул и запалија полициско возило.

Демонстрантите ги нападнаа полицајците со стаклени шишиња и јајца, соопшти полицијата во Кливленд. Во Манчестер, демонстрантите се собраа пред Холидеј Ин на Олдам Роуд. „Уапсивме повеќе од 100 лица. Некои полицајци се здобија со полесни повреди“, соопшти лондонската полиција.

Да потсетиме, во понеделникот напаѓач уби три девојчиња во училиште за танц во градот Саутпорт. Во нападот се повредени 11 лица. Британската полиција обвини 17-годишно момче за убиство на три девојчиња и десет обвиненија за обид за убиство во напад со нож на летен час по танц кој ја шокира нацијата и предизвика насилни протести.

Во нападот во понеделникот во инаку мирниот град, беа убиени три девојчиња на возраст од шест до девет години, а уште осум деца се здобија со убодни рани. Петмината остануваат во критична состојба во болница, заедно со двајца возрасни кои се обиделе да ги заштитат, соопшти полицијата.

Премиерот Кир Стармер ги нарече „насилници“ оние кои се судрија со полицијата поради нападот, велејќи дека „ќе ја почувствуваат целосната сила на законот“. Повеќе од 50 полицајци беа повредени во протестите во вторникот во Саутпорт, кога демонстрантите запалија полициски комбиња и фрлаа цигли врз полицајците. Вчера во Лондон демонстрантите фрлаа факели и димни канистри кон Даунинг стрит.

Локалните жители во Саутпорт го осудија насилството. Стотици луѓе во заедницата учествуваа во бдеење во знак на жалост за убиените деца и положија букети на местото на нападот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk