logo
logo
logo

ОН: 90% од децата во Газа примија прва доза од вакцината против детска парализа

Vecer | 16.09.2024

ОН: 90% од децата во Газа примија прва доза од вакцината против детска парализа

Досега, 90 отсто од децата во Газа се вакцинирани против детска парализа, изјави денеска шефот на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), додавајќи дека следниот чекор е да се гарантира дека стотици илјади од нив ќе добијат втора доза на крајот на месецот.

Кампањата насочена кон вакцинирање на околу 640.000 деца под 10-годишна возраст против детска парализа во Газа, која започна на 1 септември, претставува огромен предизвик за УНРВА и партнерите поради тековниот конфликт меѓу Израел и Хамас.

Добрата вест доаѓа откако Светската здравствена организација (СЗО) минатиот месец објави дека бебе било делумно парализирано од вирусот на детска парализа тип 2, што е прв таков случај на палестинската територија во последните 25 години.

Повеќе од 446.000 палестински деца во централна и јужна Газа беа вакцинирани претходно во септември, а кампањата за вакцинирање на последните 200.000 деца во северна Газа започнала на 10 септември и покрај ограничениот пристап до здравствените работници, наредбите за евакуација и недостигот на гориво.

Првиот круг од кампањата за вакцинација против детска парализа во Газа заврши успешно, објави Филип Лазарини од УНРВА, додавајќи дека 90 отсто од децата во енклавата ја примиле својата прва доза.

„Конфликтните страни во голема мера ги почитуваа различните неопходни „хуманитарни паузи“, покажувајќи дека кога постои политичка волја, помошта може да се достави без пречки. Нашиот следен предизвик е да им гарантираме на децата втора доза вакцини на крајот на септември“. напиша тој на Х.

Израел ја започна воената кампања во Газа на 7 октомври минатата година, откако Хамас изврши шокантен упад во јужен Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи околу 250 заложници, според израелските податоци.

Во одмаздата на Израел против Газа, според Министерството за здравство на енклавата, досега се убиени повеќе од 41.000 Палестинци, а голем дел од територијата е целосно претворена во урнатини.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk