Десетици ракети се истрелани од Појасот Газа кон Израел, непосредно по новите израелски напади во кои загинаа четири лица на палестинска територија, со што бројот на жртви од вчера достигна 19, пренесува АФП. Ова е најголемата ескалација меѓу палестинските вооружени групи и Израел од август 2022 година, додава француската агенција.
Израелските сирени се огласија поради ракетниот оган од Појасот Газа и одекнаа во регионот Тел Авив, комерцијалниот главен град Тел Авив, 60 километри северно од Газа, но и во градовите Сдерот, Ашход и Ашкелон.
Засега нема информации за жртви во Израел, иако локалните медиуми јавија дека е погодена куќа во градот Сдерот. Итната помош известува дека нема повредени. Според израелски безбедносни извори, за 45 минути биле истрелани повеќе од 60 ракети.
Израелскиот систем за противвоздушна одбрана ги пресретнал ракетите над Ашкелон и на југот на Израел, јавуваат дописниците на АФП. Заедничката команда на палестинските милитантни групи ја презеде одговорноста за ракетните напади на израелска територија.
Израелската војска соопшти дека се обидува превентивно да ги погоди местата од кои биле истрелани ракетите, додека експлозии потресоа различни локации, вклучително и она што очевидците го опишаа како камп за обука во северниот дел на Појасот Газа и отворената област на југ.
Во Газа, Министерството за здравство потврди четири жртви на израелски напади. Израел вчера изврши серија напади за кои, како што рече, се насочени кон високи лидери на Исламскиот џихад одговорни за планирање напади врз Израел. Во нападите загинаа најмалку 10 цивили, како и тројца високи команданти.
„Немаме намера да чекаме додека не лансираат ракети“, изјави израелскиот министер за безбедност Ави Дихтер за Радио Кан по обновените напади врз Газа денеска. „Ако лансирањето може да се спречи или прекине, ако може да бидат погодени посадите за лансирање - сето тоа на крајот создава одвраќање“, рече тој.
Претходно денеска израелските сили убија двајца Палестинци кои отворија оган врз нив во Кабатија, на окупираниот Западен Брег. Исламски џихад тврди дека двајцата се нивни членови.
Бизнисите и училиштата се затворени во Газа, Израел ги држи затворени двата трговски и сообраќајни премини со Газа. Овој потег ќе го запре влезот на стоки, гориво и хуманитарна помош, како и пациенти кои се лекуваат во болниците на Западниот Брег и во Израел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата