Југозападниот дел на Јапонија денеска беше погоден од силен семјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтерова скала, при што неколку лица се повредени, урнати се згради, избувнале пожари, а пријавени се и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Поради силното тресење, оштетена е и дел од инфраструктурата, додека спасувачките екипи се на терен и ги проценуваат последиците од катастрофата.
Земјотресот бил регистриран во 16:17 часот по локално време на островот Кјушу и достигнал највисоко можно ниво од седум степени според јапонската сеизмичка скала Шиндо, која го мери интензитетот на тресењето на тлото. Властите предупредуваат на можни последователни потреси и апелираат граѓаните да ги следат официјалните насоки и да останат на безбедни места.
„Се уште ја проценуваме големината на штетата и бројот на жртви, но веќе сум информирана дека има неколку повредени“, рече јапонската премиерка Санае Такаичи. Таа рече дека има прекини во снабдувањето со електрична енергија и пожари во некои области, а патиштата и мостовите се оштетени, а пријавени се и урнати згради.
Предупредување за цунами
Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за цунами по земјотресот, со очекувани бранови до еден метар. Сепак, агенцијата подоцна соопшти дека досега не е забележана активност на цунами и изрази очекување дека предупредувањето наскоро ќе биде укинато доколку не се регистрираат промени во нивото на морето.
Не се откриени непосредни абнормалности во нуклеарните централи по земјотресот, соопшти Агенцијата за регулирање на нуклеарната енергија. Енергетската компанија „Кјушу Електрик Пауер“ соопшти дека трите нуклеарни реактори во регионот кои работеле во времето на земјотресот продолжиле да работат нормално.
Јапонија е една од сеизмички најактивните земји во светот, бидејќи се наоѓа на четири големи тектонски плочи по должината на западниот раб на Тихоокеанскиот „Огнен прстен“. Земјата доживува стотици земјотреси годишно и е место на околу 18% од сите земјотреси во светот.
Најлошата катастрофа во поновата историја на земјата останува земјотресот со јачина од 9,0 степени во 2011 година, кој предизвика разорно цунами во кое загинаа или околу 18.500 луѓе се водат како исчезнати, како и тешката несреќа во нуклеарната централа Фукушима.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата