logo
logo
logo

Облакот чад од Канада стигна до Норвешка, ќе се рашири низ цела Европа (ВИДЕО)

Vecer | 09.06.2023

Облакот чад од Канада стигна до Норвешка, ќе се рашири низ цела Европа (ВИДЕО)

Во текот на изминатите неколку дена, облаци од чад се проширија од Канада преку Гренланд, Исланд и стигнаа до Норвешка.

„Луѓето во Норвешка можеби ќе можат да мирисаат, па дури и да го забележат чадот како слаба магла, но за разлика од деловите на САД кои доживеале опасно загадување, тие не треба да искусат никакви здравствени ефекти“, рече научникот Николаос Евангелиу. Во наредните денови се очекува облакот да се прошири низ Европа, но малку е веројатно дека луѓето ќе можат да го почувствуваат мирисот или да го забележат чадот, рече Евангелиу.

Во 2020 година, чад од рекордните шумски пожари во Калифорнија беше откриен во Свалбард, норвешки архипелаг сместен длабоко во Арктичкиот круг. Нивоата на саѓи кои доаѓаат од шумските пожари во Канада не се очекува да имаат директно влијание врз топењето на Арктикот, бидејќи тие се премногу разредени, рече Евангелиу.

Воздухот во североисточниот дел на САД со денови е силно загаден поради чадот од пожарите кои моментално беснеат во Канада. Овој тип на атмосферско загадување, кое ретко се гледа, ја зафати областа од Илиноис на север до Јужна Каролина. Тоа предизвикува загриженост за здравјето на ранливите луѓе, како што се децата и постарите лица, како и луѓето со срцеви и респираторни проблеми.

Генералниот секретар на ОН и еколошките организации ја нагласуваат потребата од борба против климатските промени, кои го зголемуваат ризикот од пожари. Огнената стихија започна на почетокот на оваа година во Квебек, а нивниот чад оди право на југ, поради временските услови.

„Никогаш не сум видел нешто слично“, рече Линда Хулиано (65) во Њујорк, земајќи една од милионите маски поделени на жителите. „Тешко ми е да дишам бидејќи боледувам од астма“, се пожалила таа, оценувајќи дека ситуацијата „предизвикува вознемиреност“. „Ме потсетува на 11 септември, кога небото беше покриено со чад“, изјави таа за Франс прес.

Невообичаени фотографии од Њујорк во портокалова светлина се на насловните страници на сите весници, иако небото беше малку посветло во четвртокот наутро.

Во Вашингтон ситуацијата е полоша од вчера, а предупредувањето за квалитетот на воздухот е сменето од „црвено“ во „виолетово“. Тој степен на загаденост е оценет како „многу штетен по здравјето“, според скалата што ја користи Американската агенција за заштита на животната средина (ЕПА). Втор ден по ред, децата во државните училишта во Вашингтон имаат настава само во затворен простор, сите надворешни активности се откажани.

Сите летови за Филаделфија беа прекинати во текот на утрото, но сообраќајот подоцна се нормализира, соопшти американската Агенција за цивилно воздухопловство (FAA). Аеродромите во Њујорк (ЛаГардија, Њуарк) исто така забележаа доцнења поради слабата видливост.

Климатските промени го зголемуваат ризикот од пожари и нивниот интензитет. Зголемувањето на температурата, почестите топлотни бранови и намалената количина на врнежи на некои места се совршена основа за нивниот развој.

Во средата, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, објави на Твитер фотографија од затемнета глетка од седиштето на организацијата во Њујорк. „Мораме да се помириме со природата“, рече тој, нагласувајќи ја „итната потреба да се намали ризикот од пожар“.

Речиси 800.000 хектари земја изгореа во Квебек, соопштија властите. Од јануари досега се пријавени двојно повеќе пожари во споредба со тогашниот просек во последните десет години.

Вчера имало повеќе од 150 активни пожари во покраината во која се зборува француски, од кои речиси 90 беа надвор од контрола. Во наредните часови и денови се очекува да пристигнат дополнителни засилувања - американски, француски и португалски противпожарни екипи. За неколку дена се евакуирани повеќе од 12.000 луѓе.

Опасноста од нови пожари се уште е голема. Квалитетот на воздухот исто така е многу лош во Торонто, при што Environment Canada предвиде дека ќе достигне опасни нивоа за жителите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk