logo
logo
logo

НАТО договори мерки за спротивставување на непријателските и кибер активности на Русија

Vecer | 04.12.2024

НАТО договори мерки за спротивставување на непријателските и кибер активности на Русија

 Земјите членки на НАТО договорија збир на проактивни мерки за спротивставување на непријателските и кибер активностите на Русија, соопшти генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на прес-конференцијата по завршувањето на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Пактот во Брисел.  

- Овие мерки вклучуваат засилена размена на разузнавачки информации, повеќе вежби, подобра заштита на критичната инфраструктура, подобрена кибер одбрана и построги акции против руската флота замаскирана во бродови кои извезуваат нафта, рече Руте. 

Тој потенцира дека сме сведоци на се поагресивно држење на Русија и на ескалација на нејзината кампања на непријателски акции во земјите на НАТО. 

- Видовме нагло зголемување на овие напади и мораме да ги повикаме сторителите на одговорност. И Русија и Кина се обидоа да ги дестабилизираат нашите земји и да ги поделат нашите општества со акти на саботажа, кибер напади и енергетска уцена, истакна Руте. 

Според него, се поголемата усогласеност меѓу Русија, Кина, Северна Кореја и Иран ја нагласува глобалната природа на заканите со кои се соочува НАТО, напоредно со „ескалацијата на опасностите од тековната војна во Украина“. 

- Така, илегалната војна на Русија во Украина претставува закана за сите нас. Затоа ќе продолжиме да стоиме заедно, Европа и Северна Америка, заедно со нашите меѓународни партнери, за да ги зачуваме безбедни нашите една милијарда луѓе, истакна Руте. 

Првиот човек на НАТО потенцира дека Иран има дестабилизирачка улога во неговото непосредно соседство, поддржувајќи ги милитантните групи во регионот на Блискиот Исток, а дополнително и ја поддржува илегалната војна на Русија во Европа, обезбедувајќи им смртоносни дронови Шахед на руските сили. Дополнително, според Руте, во замена за војници и оружје, Русија и дава поддршка на Северна Кореја за нејзините ракетни и нуклеарни програми, со што би можело да се дестабилизира Корејскиот Полуостров, па дури и да бидат загрозени САД. 

Тој потенцира дека покрај за злонамерните активности на Русија на територијата на НАТО и за ситуацијата на Блискиот Исток, на министерскиот состанок се разговарало и за можностите за поголема поддршка на Украина во текот на претстојната зима. 

- Украина се соочува со немилосрдно бомбардирање насочено кон цивилни реони и критичната инфраструктура, а Русија напредува на линијата на фронтот, иако по висока цена. Ова може да биде најтешката зима за Украина од 2022 година, рече Руте. 

Според него, министрите разговарале за тоа што може сојузниците да направат повеќе за да обезбедат муниција и противвоздушна одбрана за Украина, во услови кога Русија ги засилува своите напади и ја проширува војната со помош на севернокорејските трупи и оружје. 

Тој потенцира дела членките на Алијансата работат на исполнување на ветувањето за воена поддршка на Киев во 2024 година во износ од 40 милијарди евра, како и дека до крајот на оваа година треба целосно да стане оперативна новата команда на НАТО во Визбаден за безбедносна помош и обука на Украина, да биде. 

- Но, ние мора да направиме повеќе од тоа само да ја одржуваме Украина во борбата. Мораме да обезбедиме доволно поддршка за еднаш засекогаш да ја смениме траекторијата на овој конфликт, рече Руте.  

Запрашан што подразбира под „менување на траекторијата на конфликтот“, Руте одговори дека тоа значи да и се пружи на Украина доволно поддршка да може да го запре руското напредување на терен и да ја зајакне својата позиција, со што еден ден украинската Влада ќе може да започне разговори со Русија за тоа како да се стави крај на конфликтот. 

- Така што менувањето на траекторијата значи да се спречи линијата на фронт да се движи кон запад и да се погрижиме Украина да биде во посилна позиција за во текот на преговорите да може да го добие она што го сака, рече Руте. 

Во одговор на прашање дали по овој министерски состанок Украина е поблиску до членство во НАТО, Руте рече дека иднината на земјата треба да биде во Алијансата и дека сето она што сега се прави со поддршката на земјата претставува градење на мостови за поврзување на двете страни, но дека во моментов главен приоритет е зајакнување на украинските сили за можат „да ја променат траекторијата“.

Руте потсети и дека вчера на состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО учествуваше и новата висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, затоа што, како што рече Унијата е суштински партнер на Алијансата. 

- Ние соработуваме за низа прашања - од нашата поддршка за Украина, до воената мобилност и засилување на одбранбеното производство, додаде Руте. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk