logo
logo
logo

Над 4000 истовремени експлозии на пејџери во Либан, 11 загинати, илјадници повредени

Vecer | 18.09.2024

Над 4000 истовремени експлозии на пејџери во Либан, 11 загинати, илјадници повредени

Во досега невидениот масовен напад без преседан врз припадници на милитантната група Хезболах, убиени се најмалку 12 луѓе, меѓу кои две деца. Експлозивот бил активиран, откако на корисниците на уредите им стигнала шифрирана порака.

-Oна што се случи беше како земјотрес, како ненадеен бран што удира на секого, и оние што биле мета и оние околу нив. , изјави жител на Бејрут.

-Состојбата е на раб на ескалација. Ако имало акција, треба да има и реакција. , вели жител на Бејрут.

Болниците во Бејрут се преполни. Над три илјади луѓе се повредени, од кои 300 се критично. Повреден е и иранскиот амбасадор во Либан.

-Повеќето од повредите се на самото лице, особено на очите  на рацете или во делот на стомакот. Според пациентите, повредите се настанати од уред за комуникација. , изјави Фирас Абиад, министер за здравство на Либан.

Иако Израел засега одбива да коментира, Хезболах експресно го обвини дека стои зад нападот и се закани со праведна одмазда.  Она што е познато е дека милитантната група неодамна ги забранила мобилните телефони и набавила пејџери за своите членови како уред кој е побезбеден при обид да бидат лоцирани или контролирани од израелските разузнавачки служби. Повикувајќи се на разузнавачки извори, Ројтерс објави дека токму израелската Мосад стои зад експлозиите, откако претходно поставила експлозив во пет илјади пејџери произведени од тајванска компанија, кои потоа биле увезени за Хезболах. 

-Израелците веројатно виделе можност да купат илјадници пејџери, ги расклопиле и вметнале експлозив и ги пуштиле во продажба директно за Хезболах, користејќи радио фреквенции кои пренесуваат податоци во пејџерот и симултано ги детонирале сите пејџери. , изјави Стив Ганард, поранешен дипломат во Стејт Департментот.

Но, случајот доби сосема поинаков тек, откако посочената тајванска компанија „Голд Аполо“ ги отфрли тврдењата и прстот го впери кон унгарската фирма „BAC Consulting“ дека ги произвела уредите, која поседувала лиценца да го користи истиот тајвански бренд.

-Вашата компанија повеќе не го призведува моделот „AR-924“? Не е прашањето дали го произведуваме. Тоа не е наш производ. , изјави Ксу Чинг, претседател на „Голд Аполо“.

Хезболах е шиитска група со седиште во Либан, една е од највооружените милитантни организации во светот, финансирана е од Иран и функционира како држава во држава. Проценките се дека располага со 30 илјади борци, а по конфликтот во Газа ги интензивираше ракетните напади врз Израел.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk