logo
logo
logo

Можна причина за пожарот во Швајцарија се свеќи поставени блиску до дрвен плафон

Vecer | 01.01.2026

Можна причина за пожарот во Швајцарија се свеќи поставени блиску до дрвен плафон

Можен причинител за пожарот во барот во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана се декоративни свеќи закачени премногу блиску до плафонот на барот, пренесе денеска швајцарскиот весник „Темп“, повикувајќи се на сведочењата на две Французинки кои биле во објектот.

Тие навеле дека свеќите, забодени во празни шишиња од шампањ, биле закачени премногу блиску до дрвениот плафон, кој лесно се запалил, а огнот брзо се проширил и на подот на барот. Како што наведуваат, целиот ентериер бил направен од дрво и пожарот брзо се раширил. Во паника, гостите на барот се обиделе да побегнат низ влезната врата.

- Излезот беше прилично мал со оглед на бројот на луѓе внатре. Некој скрши прозорец за луѓето да можат да излезат, рекла една од Французинките.

Според зборовите на француска двојка која се затекнала на лице место, евакуацијата била многу тешка бидејќи и скалите кои водат надвор биле исклучително тесни, пренесува Би-Би-Си.

- Имавме голема среќа, додале тие, наведувајќи дека „околу 200 луѓе се обидувале да излезат во рок од 30 секунди“.

Обвинителката на кантонот Вале, Беатрис Пилу, претходно денеска изјави дека од почит кон семејствата на настраданите не треба да се даваат никакви претпоставки.

- Чекаме одговори, но нивното пронаоѓање ќе потрае, рекла таа.

Швајцарската полиција наведе дека во пожарот загинале околу 40 лица, додека италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за повеќе десетици. Повеќе стотици луѓе се повредени во пожарот, меѓу кои голем број странски туристи.

Полицијата потврди дека не станува збор за терористички напад.

Меѓу загинатите има луѓе од различни националности, како што веруваат властите, но официјалните лица наведуваат дека ќе бидат потребни недели за тие да се идентификуваат. Медиумите наведуваат дека повеќето од присутните гости биле на возраст меѓу 15 и 20 години. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk