logo
logo
logo

Москва протера тројца европски дипломати поради учество во протестите, експресни реакции од Меркел и Макрон

Vecer | 05.02.2021

Москва протера тројца европски дипломати поради учество во протестите, експресни реакции од Меркел и Макрон


Русија протерала тројца европски дипломати затоа што присуствувале на недозволените собири за поддршка на уапсениот руски опозиционер Алексеј Навални.

Протеруваните дипломати се од Германија, Полска и Шведска, пишува „ЕУ-опсервер“, повикувајќи се на извор во Унијата.

Според информациите од порталот, тоа било сторено за време на прес-конференцијата на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва.

Борел е во официјална посета на Москва.

Германската канцеларка Ангела Меркел го осудила протерувањето на германскиот дипломат од Москва, изјавувајќи дека тоа е само уште еден чекор наназад во владеењето на правото.

Таа на прес-конференција по видеосредба со францускиот претседател Емануел Макрон посветена на одбраната и безбедноста, рекла дека верува оти протерувањето е неоправдано, пренесува „Ројтерс“.

„За време на состанокот добивме вест за протерувањето“, нагласила Меркел.

„Се солидаризирам со трите земји чии дипломати се протерани“, рекол и Макрон по виртуелниот состанок со германската канцеларка, додавајќи дека многу остро го осудува однесувањето на Москва кон опозиционерот Навални.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk