Момчето од Кундуз, град во северен Авганистан, било пронајдено како талка дезориентирано на пистата на меѓународниот аеродром во Делхи откако авионот слетал.
Индиската полиција го привела и го испрашувала неколку часа, пред да го врати во Кабул со истиот лет. Според властите, момчето рекло дека тргнало на патувањето од чиста љубопитност и дека со себе донело само мал црвен звучник.
Индиските медиуми известуваат дека тинејџерот всушност сакал да избега во Иран, но не знаел дека авионот во кој се качил летал за Делхи, а не за Техеран. Според првичните извештаи на кои се повикува Би-Би-Си, тој незабележано се протнал на аеродромот во Кабул, се скрил зад група патници и успеал да се протне во задниот централен дел од слетувачкиот систем - едно од најопасните места во авионот.
Експертите потсетуваат дека речиси никој не преживува таков обид, бидејќи во тој дел нема кислород ниту греење за време на летот. Оние кои успеваат да го преживеат летот често ја губат свеста за време на спуштањето, а некои умираат кога ќе се отвори трапот за слетување.
За потсетување, во 2022 година, 22-годишен Кениец беше пронајден жив во Амстердам откако поминал неколку часа во вдлабнатината на тркалата на товарен авион.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата