Беспилотните летала не ги погодија луѓето во базата или објектите, рече портпаролот, пренесе Ројтерс.
„Во договор со властите на земјата домаќин, ние продолжуваме да го надгледуваме воздушниот простор за да ја обезбедиме безбедноста на заедницата“, рече тој.
Безбедносен извор изјавил за Ројтерс дека германските власти не им влегле во трага на операторите на дронови, но ја отфрлиле можноста дроновите да ги управувале аматери.
Претходно денеска германскиот весник Шпигел објави, повикувајќи се на доверлив извештај на германските безбедносни власти, дека неидентификувани беспилотни летала биле забележани над чувствителни индустриски локации и американската воздухопловна база Рамштајн во Германија во последните неколку недели.
Во извештајот се наведува дека повеќе дронови биле забележани во вечерните часови на 3 и 4 декември над Рамштајн, рече изворот.
Се посочува дека беспилотни летала се забележани и над локации кои припаѓаат на германскиот производител на оружје Рајнметал и на хемиската компанија БАСФ.
Се вели дека потеклото на беспилотните летала е непознато.
Воздухопловната база Рамштајн се наоѓа на југозападот на Германија и се користи како седиште на американските воздухопловни сили во Европа и воздушни команди на земјите членки на НАТО.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата