Како што пренесува Дејли Мејл, францускиот претседател ги поддржал предлозите наведени во предлогот на комисијата од експерти ангажирани од Елисејската палата поради загриженоста за негативниот ефект што мобилните телефони и социјалните мрежи го имаат врз децата и тинејџерите.
Макрон го стави овој проблем високо на претседателската агенда на почетокот на годината поради неговата опаѓачка популарност. Сепак, нема индикации како би се спроведувала ваква општа забрана во земјата. Законодавците сега мора да одлучат кои апликации ќе се квалификуваат за забраната и да дадат детали за понатамошното спроведување на препорачаните мерки.
Експертскиот панел, предводен од неврологот Серване Мутон и професорот по психијатрија Амин Бениамина, вклучуваше експерти во образованието, правото и технологијата. Панелот ги претстави своите наоди на Макрон во април. Се препорачува на сите деца под 11-годишна возраст да не им се дозволува да користат паметен телефон и да не се дава паметен телефон со пристап до интернет на деца под 13-годишна возраст.
Апликациите за социјално вмрежување треба да бидат забранети за сите помлади од 15 години, а малолетниците над 15 години треба да имаат пристап само до платформите кои се сметаат за етички, иако во извештајот не е наведено кои платформи ќе бидат исклучени од таквите ограничувања.
Засега нема временска рамка за донесување на новиот закон и нејасно е колку тој би ги следел препораките на експертите. Групата рече дека сите идни потези на владата треба да се фокусираат на заострување на правилата за технолошките компании.
Останува нејасно како ќе се спроведе оваа забрана. Коментаторите се поделени околу тоа дали креаторите на апликации и технолошките компании ќе бидат принудени да вградат старосни ограничувања во нивните апликации или дали родителите ќе бидат одговорни за спроведување на забраната дома.
Children under 11 will be BANNED from having smartphones and under-15s prevented from using social media under tough rules backed by Emmanuel Macron https://t.co/84rIRdkrQm pic.twitter.com/cdrWPh4hY2
— Daily Mail Online (@MailOnline) June 13, 2024
Некои алатки за ограничување на времето поминато на екранот и времето поминато на апликациите на социјалните медиуми се веќе вградени во повеќето паметни телефони, но овие ограничувања може да се променат во секое време. Постојат многу докази кои сугерираат дека употребата на социјалните медиуми има негативно влијание врз менталното здравје на младите луѓе.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата