Како што соопшти Европскиот совет, овој трилатерален состанок треба да придонесе за зајакнување на силниот сојуз меѓу ЕУ и Бразил и дополнително да ги зајакне билатералните односи.
- Бразил е клучен партнер на Европската Унија во трговијата, инвестициите, климата, мултилатерализмот, поредокот базиран на правила, демократијата и човековите права. Последното бразилско претседателство со Меркосур беше клучно за унапредување на преговорите за договорот меѓу Европската Унија и Меркосур, трасирајќи го патот до неговото потпишување, соопшти Европскиот совет.
ЕУ е втор по големина трговски партнер на Бразил и негов најголем странски инвеститор, со над 300 милијарди евра директни инвестиции.
Според Европскиот совет, откако Лула да Силва ја презеде претседателската функција во 2023 година, односите меѓу ЕУ и Бразил добија нова динамика, со обновени и нови политички и секторски дијалози за климата, енергијата, дигиталната трансформација, безбедноста и јавното здравје.
- ЕУ и Бразил, исто така, тесно соработуваат во ОН и Г20, во рамките на самитот ЕУ-ЦЕЛАЦ, и преку нови иницијативи како што се Глобалната алијанса против гладот и сиромаштијата и коалицијата Г20 за регионално производство на вакцини, се додава во најавата.
Од Рио, Кошта и Фон дер Лајен ќе отпатуваат за парагвајскиот главен град Асунсион, каде утре треба да потпишат два договори меѓу ЕУ и Меркосур заедно со претседателот на Пaрагвај, Сантијаго Пења Паласиос, кој е актуелен претседавач на организацијата на јужноамериканските држави.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата