logo
logo
logo

Конгресот на САД побара мерки против банкарскиот сектор на Хонгконг

Vecer | 25.11.2024

Конгресот на САД побара мерки против банкарскиот сектор на Хонгконг

Американски конгресмени разгледуваат мерки против банкарскиот сектор на Хонгконг бидејќи кинеската автономија станува центар за финансиски криминал, особено поврзан со заобиколување на американските санкции, вклучително и против Русија.

Тие го повикаа Министерството за финансии да ги преиспита тесните банкарски односи меѓу Хонгконг и САД.

Хонглонг се претвори во голем центар за извоз на забранети западни технологии во Русија, за регистрација на фиктивни компании за купување иранска нафта, за управување со „бродови-духови“ во служба на Северна Кореја, како и други прекршувања на мерките за контрола на извозот на САД.

Ова се наведува во писмото од Специјалниот комитет на Претставничкиот дом за прашања поврзани со Комунистичката партија на Кина, испратено до министерот за финансии Џенет Јелен. За писмото денеска објави „Волстрит џурнал“.

Авторите, претседателот на комитетот републиканецот Џон Муленар и демократот Раџа Кришнамурти, истакнуваат: „Хонгконг се претвори од доверлив глобален финансиски центар во клучен играч на авторитарната оска што ја сочинуваат Народна Република Кина, Иран, Русија и Северна Кореја. Затоа, треба да се постави прашањето дали е соодветно да продолжиме со долгогодишната политика на САД кон Хонгконг, особено во однос на неговиот финансиски и банкарски сектор.“

Конгресмените, исто така, се повикаа на истражување според кое речиси 40 отсто од стоките што биле испорачани од Хонгконг во Русија во 2023 година биле предмет на американските извозни ограничувања. Меѓу нив се и полупроводници кои Русија може да ги користи за производство на оружје употребено во војната против Украина.

Повеќе истражувања фрлаат светлина врз улогата на Хонгконг во заобиколувањето на антируските санкции. На пример, јапонското издание Nikkei Asia во април 2023 година објави дека испораките на чипови во Русија преку Хонгконг и Кина од почетокот на војната до крајот на 2022 година се зголемиле 11 пати, достигнувајќи вредност од 570 милиони долари.

Во јули 2024 година, „Њујорк тајмс“ објави резултати од својата анализа дека во четвртото тримесечје д 2023 година увозот на западни полупроводници во Русија, што можат да се користат за производство на оружје, речиси се израмнил со нивното ниво на набавка кон крајот на 2021 година. Од почетокот на војната, повеќе од 6.000 фирми обезбедиле испорака на забранети чипови во Русија во вредност од речиси 4 милијарди долари, при што Хонгконг играл голема улога во тоа. За таа цел била создадена широка мрежа на фиктивни компании. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk