logo
logo
logo

Колку просечен Британец ЌЕ ГО ЧИНИ погребот на кралицата Елизабета II? Економијата веќе разорена

Vecer | 19.09.2022

Колку просечен Британец ЌЕ ГО ЧИНИ погребот на кралицата Елизабета II? Економијата веќе разорена

Денеска напладне почна државниот погреб на кралицата Елизабета Втора, британскиот монарх кој на тронот беше 70 полни години.

Нејзиниот ковчег во последните неколку дена беше во Вестминстерската сала, каде илјадници луѓе чекаа со часови да и оддадат почит на својата кралица.

Несомнено, смртта на Елизабета Втора, која почина на 8 септември на 96-годишна возраст, погоди многу Британци и добар дел од светот, но... Не можеме да го игнорираме фактот дека Британија се соочи со овој немил настан среде на економски колапс, кога фунтата е на најниско ниво во последните 37 години.

Трошоците за погребот на кралицата, секако, не се мали и ќе се одразат на и онака ранливиот државен буџет. Економски гледано, колку ги чини Британците погребот на саканата кралица?

Според albawaba.com, трошоците за цели 10 дена од 11 дена жалост ги покрива кралското семејство, додека тековниот еднодневен државен погреб ќе го покрие владата на Обединетото Кралство.

Се проценува дека само погребот ќе ја чини владата повеќе од 9 милиони фунти, доколку може да им се верува на тврдењата на поранешниот службеник на кралското обезбедување.

Иако оваа бројка ги покрива подготовките за самиот погреб, ковчегот на кралицата, како и трошоците поврзани со пристигнувањето на локални и меѓународни лидери да присуствуваат на погребот, бројката сепак претставува една од највисоките трошоци за еден ден во историјата на Обединетото Кралство.

 

Медиумски извори, исто така, истакнаа дека државниот погреб ќе биде една од најголемите полициски операции во Велика Британија, бидејќи разузнавачките агенции ќе соработуваат со лондонската Метрополитен полиција и Тајната служба за да обезбедат целосна заштита.

И додека цената на погребот покренува многу прашања за способноста на британската економија да преживее толку големи трошоци, во време кога страда од најлошата инфлација во последните 40 години (надминувајќи 10 % во август), многумина забележуваат дека Периодот на 12-дневна жалост имаше уште попогубно влијание врз Обединетото Кралство и граѓаните.

Како што објави AJ+, смртта на кралицата ќе ја чини британската економија 6 милијарди фунти, што ги покрива не само трошоците за погреб, туку и крунисувањето на кралот Чарлс III, како и трошоците за сите промени што се очекуваат во земјата за време на новата ера на монархијата, вклучувајќи патни документи, монети и многу повеќе.

Исто така, беше пресметано дека тоа е околу 90 фунти по човек, ако се земат предвид 65-те милиони жители.

 

Се стравува и дека прекинот на економските активности, што се по9дразбира денеска - на денот на државниот погреб, ќе има негативно влијание врз економијата на Велика Британија. Потсетуваме дека Хитроу ги суспендираше сите летови за 19 септември.

Експертите укажаа на пад од 0,6% на БДП на Обединетото Кралство минатиот јуни, поврзан со националните прослави на платинестиот јубилеј на кралицата и други јубилејни церемонии одржани во текот на месецот.

Тековните проценки, пренесени од Fox Business, велат дека денешното „затворање“ на економијата ќе ја чини Британија околу 2,6 милијарди долари. Иако, се очекува пораст на туризмот, но можеби нема да биде доволно профитабилен - да ги надомести загубите.

Потсетуваме дека само два дена пред смртта на Елизабета Втора, Британија доби нова премиерка Лиза Трас, која ќе продолжи да се бори со економскиот колапс и енергетската криза. Се стравува дека кризата ќе погоди речиси 70 милиони луѓе низ Велика Британија оваа зима.

Во текот на зимата 2021/22 година, цените на енергијата се зголемија за 27% во ОК, што значи дека зимата 2022/23 година ќе биде уште построга, имајќи ги предвид промените во достапноста на гас за европските земји. Минатиот мај, британските медиуми објавија дека повеќе од 2 милиони луѓе ширум земјата „не можат да си дозволат храна секој ден“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk