logo
logo
logo

Кој ја зборува вистината за Вухан, КИНА ИЛИ САД?

Vecer | 24.05.2021

Кој ја зборува вистината за Вухан, КИНА ИЛИ САД?

Кина се огласи по повод извештајот на американското разузнавање дека неколку истражувачи од Институтот за вирологија во Вухан се заразиле со коронавирус во ноември 2019 година.

Во извештајот, кој ја шокираше светската јавност, се наведува и дека овие луѓе биле хоспитализирани, а новите детали за интензитетот на симптомите што ги покажале може да започнат нова дискусија за потеклото на пандемијата, според два извори кои наводно се запознати со документот.

Кинеското Министерство за надворешни работи го демантираше извештајот којшто се појави во американските медиуми, во кој, меѓу другото, се вели дека тројца вработени во институтот биле сериозно болни непосредно пред избувнувањето на пандемијата на коронавирусот.

Институтот за вирологија издаде соопштение на 23 март во кое се наведува дека институцијата не сретнала ниту еден случај на коронавирус пред 30 декември 2019 година. Во соопштението се наведува и дека од 23 март 2021 година никој од вработените не се заразил со коронавирус. Затоа, наводите во медиумите во врска со болеста на тројца вработени во Институтот во Вухан се целосно неточни, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Зао Лиџијан.

За потсетување, извештајот на Стејт департментот составен за време на администрацијата на Доналд Трамп и објавен во јануари, наведува дека кинеските истражувачи се разболеле есента 2019 година, но не се тврди дека биле хоспитализирани, пренесува Си-Ен-Ен.

Во брифингот доставен до Светската здравствена организација, официјален Пекинг изјави дека првиот пациент со симптоми на КОВИД-19 бил откриен на 8 декември 2019 година во Вухан. Сепак, американските разузнавачки служби немаат веродостојни информации зошто кинеските истражувачи биле примени во болницата.

„На крајот, дефинитивно ништо не може да се заклучи“, велат американски разузнавачки извори.

Да потсетиме, Светската здравствена организација испрати тим експерти во Вухан да го испитаат потеклото на коронавирусот, како и една од теориите дека вирусот потекнува од една од најмодерните лаборатории во светот - Институтот за вирологија во Вухан.

Тимот, сепак, не донесе конечен заклучок во врска со тоа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk