Илич Рамирез Санчез е поранешен милитант, платеник, „професионален револуционер“, или терорист кој отслужува доживотна казна во Франција.
Тој е попознат по прекарот Карлос (воено име) или Шакал односно Карлос Шакал.
Тој е најпознат по нападот врз седиштето на ОПЕК во 1975 година, и со години беше најбараниот меѓународен бегалец.
Според сопственото признание, тој бил вклучен во повеќе од 100 напади во кои загинале најмалку 2.000 луѓе.
Уапсен е од француски агенти во 1994 година во Картум, Судан, и оттогаш се наоѓа зад решетки во Париз.
Борејќи се за „палестинската цел“, тој извршувал напад и во француската престолнина во 1974 година, во кој две лица го загубија животот, додека 34 биле ранети.
Познат е и како убиецот на Шарл де Гол и за нападот врз израелски спортисти на Олимпијадата во Минхен 1972 година.
Накратко бил уапсен во Југославија, за наскоро да биде префрлен во Багдад.
Според податоците на Викиликс, во 1976 година, Шакал три дена бил гостин во комунистичка Југославија, претставувајќи се како професор од Алжир.
Во тоа време по него била распишана потерница за меѓународен тероризам.
Југословенското министерство за внатрешни работи, наводно, ги информирало германските власти за посетата, но потоа ги известило дека идентитетот му е променет, и дека станува збор за професор од Алжир.
Припадниците на државната безбедност наводно го придружувале до авионот за Ирак, маскиран како работник на „Енергопроект“.
Тој наводно важел за миленик на Тито, пријател на Јасер Арафат, Моамер Гадафи и соработник на Службата за државна безбедност на Југославија и тајната служба Штази од Источна Германија.
Во Аден, тој започнал да формира своја терористичка група, Организацијата на арапската вооружена борба, составена од сириски, либански и германски бунтовници.
Неговата терористичка група ги започнала своите операции во 1982 година, со неуспешен напад врз нуклеарна централа. Кога двајца членови на групата, вклучувајќи ја и сопругата на Карлос, Магдалена Коп, биле уапсени во Париз, групата извршила неколку бомбашки напади низ Франција како одмазда.
Тој нашол засолниште во Сирија, од каде што бил протеран во 1991 година, оттаму во Јордан, потоа во Судан, се до неговата екстрадиција во Франција. Тој е осуден на доживотен затвор во декември 1997 година.
Во затворот, тој имал повремени контакти со венецуелскиот претседател Хуго Чавез. Јуни 2003 година објави збирка од неговите текстови што ги напишал во затвор.
Книгата е наречена „Револуционерен ислам“ во која тој го поддржува Осама бин Ладен и неговите напади врз САД. За него е снимен филмот „Карлос“, кој беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2010 година.
Роден е на 12 октомври 1949 година во Венецуела. Студирал во Лондон и Москва. Неговиот татко, марксистички адвокат, го нарекол Илич по Ленин. Зад себе има два брака.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата