logo
logo
logo

Ќе поскапат ли чоколадите - суша го погоди какаовецот во западна Африка

Vecer | 03.02.2023

Ќе поскапат ли чоколадите - суша го погоди какаовецот во западна Африка

На почетокот на 2023 година, во пристаништата Абиџан и Сан Педро пристигнувале само 70.000 тони какао неделно, споредено со 115.000 тони неделно во ноември и декември, според проценките на извозниците.

„Падот е драстичен и неочекуван. Бевме на високо ниво во декември, а во јануари сè одеднаш пропадна“, рече директорот на компанија за извоз на какао со седиште во Абиџан и Сан Педро. Од почетокот на сезоната на 1 октомври до 29 јануари пристигнаа вкупно 1.540 милиони тони зрна какао.

Се очекува испораките да се намалат до крајот на главната жетва во февруари и март, а можеби и на втората берба, во април и мај, доколку врнежите не станат поредовни, изјавиле извозниците, земјоделците и откупувачите. Главната жетва на какао во Брегот на Слоновата Коска трае од октомври до март, а втората берба од април до септември.

Одгледувањето на какаото бара обилни врнежи, со сончеви периоди, за да може зрната да се исушат. Западна и Централна Африка моментално се среде сушна сезона, која трае од средината на ноември.

„Навистина немаме многу дожд од септември. Во октомври и декември падна само еднаш или двапати, недоволно за навистина да му помогне на какаото да расте “, рече одгледувачот Едуард Куаме Куадио, сопственик на плантажа за какао во селото Габеаџи во близина на Сан Педро.

Единаесет други одгледувачи се пожалиле на временските услови, додавајќи дека ситуацијата дополнително се влошува поради недостигот на ѓубрива чии цени се удвоиле од 2021 година. „Без ѓубрива, производството не е добро“, рече Салиф Кујате, кој одгледува какао на површина од пет хектари во Соубре.

Некои одгледувачи успеале да соберат само половина од 80 килограми вреќа јута за две недели. Во периодот од октомври до декември береле по осум вреќи неделно. Купувачите и посредниците во трговијата со какао велат дека одлучиле привремено да ги затворат продавниците за да ги намалат трошоците.

„Не мислиме дека ситуацијата ќе се промени пред втората жетва. Не очекуваме дожд бидејќи не е време за тоа, така што нема да има многу какао пред мај“, рече Дејвид Куаси, купувач во Сан Педро.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk