Според прелиминарните податоци, вкупно 58 лица биле застрелани во 37 одделни пукотници низ третиот по големина град во Соединетите Држави од петокот навечер до понеделникот навечер.
Повеќето од пукотниците резултирале со една жртва, но три случаи вклучувале повеќекратни повреди, објавува АП.
Неколку од повредените се во критична состојба, а во повеќето случаи немало апсења. Сличен бран насилство се случи минатата година за време на истиот празник, кога на улиците биле убиени седум лица , а повеќе од 20 беа ранети.
Зголемувањето на бројот на пукотници не е невообичаено за Чикаго, особено за време на викендите за време на летните празници, кога делови од градот, особено на западната и јужната страна, имаат тенденција да бидат понасилни, објавува АП.
Полицијата соопшти дека седум лица се ранети во пукотница од автомобил на јужната страна од градот во саботата навечер.
Четири лица биле ранети рано наутро во неделата кога две групи испукаа куршуми од возило кон група пред дом.
Пет лица биле ранети во пукотница во понеделник, вклучувајќи и 17-годишник кој е во критична состојба.
Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на гувернерот на Илиноис, Џ.Б. Прикер, дека мора да „го поправи Чикаго или ние ќе дојдеме“, алудирајќи на можна федерална интервенција.
Тој, исто така, најави зголемено присуство на федерални агенти во градот, вклучително и спроведување на имиграциските закони.
Градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, потпиша извршна наредба со која им наредува на градските агенции да не соработуваат со федералните власти кога тие „ги пречекоруваат своите овластувања“, обвинувајќи ја администрацијата на Трамп дека дејствува импулсивно и непредвидливо.
Според Лабораторијата за криминал на Универзитетот во Чикаго, додека вкупната стапка на насилен криминал во Чикаго се намалува, разликите меѓу населбите се огромни.
Во некои населби има до 68 пати повеќе убиства од оние со најниски стапки на криминал, а во 2024 година, Чикаго регистрирал 573 убиства, најмногу од кој било американски град.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата