logo
logo
logo

Калас во посета на НАТО на разговори за зајакнување на безбедноста на ЕУ и поддршката за Украина

Vecer | 16.09.2025

Калас во посета на НАТО на разговори за зајакнување на безбедноста на ЕУ и поддршката за Украина

 Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас вчера го посети седиштето на НАТО за да разговара за понатамошната соработка меѓу Унијата и Алијансата за зајакнување на безбедноста и противвоздушната одбрана и за поддршката на Украина, соопшти денеска Европската комисија. 

Портпаролката на Еврокомисијата за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер нагласи дека стратегијата на ЕУ е да обезбеди зголемување на воената помош за Украина, обезбедувајќи исто времено и поддршка за украинските одбранбени капацитети. 

- Затоа, кога станува збор за нашата воена поддршка, продолжуваме со првата од двете патеки. Остваривме 80 отсто од нашата цел за (испорака на) два милиони парчиња муниција и тука работиме со земјите членки за да ја зголемат својата посветеност, истакна Хипер. 

Во врска со втората насока, која како што рече „се надеваме дека ќе се случи наскоро кога ќе дојде до прекин на огнот“, Хипер нагласи дека Еврокомисијата работи со земјите членки за да се осигура дека украинските војници ќе ја добијат потребната обука. 

Во однос на информациите дека ЕК го одложила претставувањето на предлог-пакетот за 19-от пакет санкции кон Русија, што требало да се разгледува на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), главната портпаролка на Еврокомисијата, Паула Пињо изјави дека ги видела овие тврдења, но дека „нема никакво одлагање“. 

- Ние никогаш не најавивме конкретен датум (за санкциите), па оттаму и нема никакво одлагање. Преговорите се во тек со цел да имаме солиден пакет, што ќе го претставиме кога ќе биде подготвен, истакна Пињо. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk