logo
logo
logo

Последните луѓе на светот кои го говорат ЈАЗИКОТ НА ИСУС ХРИСТОС

Vecer | 02.03.2021

Последните луѓе на светот кои го говорат ЈАЗИКОТ НА ИСУС ХРИСТОС

Наведнат над обемна книга, Џорџ Зарур со лупа чита и преведува арамејско-библиски натпис, од јазикот на Исус Христос, кој исчезнува од секојдневната употреба во неговото село.

Овој 62-годишник е еден од последните експерти за древниот јазик, кој преживеал девет илјади години во сириското село Малула, една од најстарите христијански населби во светот. Арамејскиот јазик порано се користел во ова планинско село, но денес сè уште го зборуваат само неколку луѓе.

„Арамејскиот јазик е во опасност. Ако продолжи вака, ќе исчезне за пет до десет години", вели Зарур, кој собира книги и енциклопедии на арамејски јазик и ги поминува своите денови во превод на антички семитски јазик кој беше широко користен на Блискиот исток во ранохристијанско врем, а неговите корени се од 10 век п.н.е.

Според него денес 80 проценти од локалното население не зборуваат арамејски, а останатите 20 проценти се постари од 60 години, рече тој.

Малула е симбол на христијанското присуство во областа Дамаск. Аџии од целиот свет доаѓале во селото за да видат антички религиозни градби и да слушаат арамејски по улиците.

Сириската граѓанска војна промени сè

Џихадистите го освоија селото во 2013 година, што ги принуди повеќето христијани да го напуштат. Сириските сили ја повратија контролата над Малула следната година, но две третини од бегалците сè уште не се вратија.

ПОСЛЕДНИОТ НАРОД НА СВЕТОТ

Многу од локалното население најде засолниште во и околу Дамаск, оддалечен 55 километри. Некои од нив се заминати во странство.

„Воената генерација е родена надвор од Малула, во Дамаск или на друго место, и тие прво учат арапски“, вели Зарур.

Автор е на триесетина книги на арамејски јазик и е добро познат во сириските академски кругови. Во 2006 година, тој го основаше Арамејскиот центар во Малула, но институцијата беше затворена по почетокот на војната. Поглаварот на селото, 80-годишниот Елиас Талаб, вели дека се горди на својот сонародник во Малула.

„Мислам дека Џорџ Зарур е единствениот арамејски експерт во Сирија. Постојат млади наставници кои се обидуваат да го научат јазикот, но тој е единствениот што го знае во длабочина“.

Талаб нагласува дека зачувувањето на арамејскиот јазик е поважно од било што.

„Го чувавме јазикот на Исус во нашите срца повеќе од 2.000 години. Ние сме меѓу последните луѓе во светот што го знаат“.

Но, од 6.000 луѓе кои живееле во селото пред војната, само 2.000 се вратиле. Малула, што на арамејски значи „влез“, е најпознатото од трите села околу Дамаск каде сè уште се користи јазикот. Неколку дијалекти и деривати на арамејски се зборуваат во североисточна Сирија, делови од Турција и северен Ирак, вели лингвистот Жан-Батист Јон, експерт за древни јазици.

ОД ТАТКО НА СИН

Во селото има се помалку ученици во основните училишта. Само триесет од нив годинава се запишале прво одделение. Во училницата со розови ѕидови, првачињата седат зад дрвени клупи и рецитираат песни на арамејски јазик. Тие внимателно ја следат наставничката Антоанета Мох.

„Арамејскиот јазик се пренесува од татко на син во Малула со генерации. Тоа е јазикот на домот. Но, овие деца се родени во егзил", вели таа.

Таа има 64 години и е наставник целиот свој работен век. „Но, не можам да се пензионирам затоа што нема кој да ме замени“, нагласува Мох.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk