Обвинителот го обвинува Салвини, кој во тоа време беше министер за внатрешни работи, за неизвршување на должноста затоа што не им дозволил на мигрантите да се симнат од бродот „Опен Армс“ (Open Arms) на италијанскиот брег.
Бродот „Опен Армс“ со околу 160 мигранти од Африка кои го преминаа Медитеранот во обид да стигнат до Европската унија, беше принуден да остане на море три недели пред конечно да му биде дозволено да се закотви на италијанскиот остров Лампедуза.
Пред повеќе од три години, во главниот град на Сицилија, Палермо, почна судски процес против Салвини.
Обвинителите за него побараа шестгодишна казна. Салвини тврди дека е политички прогонуван.
Дури и да биде осуден, Салвини (51) јасно стави до знаење дека има намера да остане на функцијата. Пресудата нема да биде правосилна.
Салвини е лидер на десничарската партија Лига и е еден од централните фигури во коалицијата на премиерката Џорџа Мелони.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата