Лидерот на Иранската револуционерна гарда, генерал Хосеин Салами изјави дека налозите за апсење издадени од Меѓународниот кривичен суд (МКС) против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант значат „политичка смрт“ за Израел.
- Ова значи политичка смрт на ционистичкиот режим, режим кој денес живее во апсолутна политичка изолација во светот и чии функционери повеќе не можат да патуваат во други земји, наведе генералот Салами.
Во првата официјална реакција од Иран, Салами налозите за апсење на МКС ги оцени како „добредојдена мерка“ и „голема победа за палестинските и либанските движења на отпорот поддржани од Иран“, имено Хамас и Хезболах.
Израел и неговите сојузници ја критикуваа одлуката на МКС.
Според Судот, налозите за апсење се издадени за „злосторства против човештвото и воени злосторства извршени помеѓу 8 октомври 2023 година и 20 мај 2024 година“.
МКС, исто така, издаде налог за апсење против лидерот на вооруженото крило на Хамас, Мухамед Деиф, за истите злосторства „на територијата на државата Израел и државата Палестина од 7 октомври 2023 година“, денот кога Хамас го нападна Израел, по што избувна војната помеѓу Хамас и Израел во Појасот Газа.
Теоретски, одлуката на МКС го ограничува движењето на Нетанјаху бидејќи која било од 124-те земји-членки мора да го уапсат на нивна територија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата