„Тоа е најопасната форма на хантавирус, способна за пренос од човек на човек. Зборуваме за сојот на хантавирус од Андите. Тоа е единствениот познат сој што се пренесува од човек на човек“, потврди јужноафриканскиот министер за здравство Арон Мотсоаледи во говорот пред Комитетот за здравство на Националниот парламент, објави SA NEWS.
Министерот додаде дека таквото пренесување на вирусот е многу ретко и се случува само преку многу близок личен контакт.
Тој ги повика членовите на парламентот и јавноста да не паничат, туку да преземат потребни мерки на претпазливост, додавајќи дека здравствените власти на Јужна Африка прават сè што е можно за да го спречат ширењето на хантавирусот во земјата.
Тој потврди дека е во тек потрага по патници на летот од Света Елена до Јоханесбург, кои биле на бродот на холандски државјанин кој починал од хантавирус неколку часа по пристигнувањето во Јужна Африка, и дека еден британски државјанин е евакуиран во критична состојба од MV Hondius и однесен во болница во Јоханесбург.
Според најновите бројки од Светската здравствена организација, хантавирус е откриен кај седум лица на бродот MV Hondius, од кои тројца починаа.
Пред три недели, крузерот под холандско знаме исплови од Ушуаја, Аргентина, кон својата крајна дестинација, Канарските Острови.
На бродот има околу 150 лица, главно државјани на САД, Обединетото Кралство, Шпанија и Холандија, а меѓу екипажот има и еден руски државјанин.
Бродот моментално е на пат кон Канарските Острови откако му е одбиен пристап до пристаништата во Зелено'ртските Острови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата