Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска го отфрли новиот израелски план за контрола врз хуманитарната помош за Појасот Газа, оценувајќи дека тоа отвора можности за „понатамошна контрола и бездушно ограничување на помошта до последната калорија и зрно брашно“.
– Да бидам јасен – нема да учествуваме во никакви ангажмани кои не ги почитуваат хуманитарните принципи: хуманост, непристрасност, независност и неутралност, изјави Гутереш.
Хуманитарна помош не е испорачана во Газа од 2 март. Израел одби да дозволи влез на каква било помош додека Хамас не ги ослободи преостанатите заложници.
Израелската агенција КОГАТ, надлежна за цивилните прашања во палестинските територии, минатата недела понуди „структуриран механизам за следење и влез на помошта“, уверувајќи дека тоа ќе ја спречи злоупотребата од страна на Хамас. Но, според високиот претставник на ОН во Газа, Џонатан Витл, нема докази дека хуманитарната помош досега била пренасочена.
Гутереш истакна дека Израел како окупациска сила има јасни обврски според меѓународното хуманитарно право – да го олеснува пристапот до храна, медицинска и санитарна помош. Според него, „ништо од тоа не се случува во моментов“.
Тој повторно повика на итен прекин на огнот, безусловно ослободување на заложниците и целосен хуманитарен пристап во Газа.
Покрај тоа, генералниот секретар на ОН изрази загриженост за најранливите земји во развој поради трговските војни, оценувајќи дека тие ќе имаат „разорни последици“.
– Трговските војни се штетни. Никој не победува, сите може да изгубат, додаде Гутереш./МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата