Во април 2020 година, Шведска беше меѓу десетте земји најтешко погодени од пандемијата на коронавирус. Но, денес, 15 месеци подоцна, стои подобро од повеќето европски земји, применувајќи стратегија со многу помалку ограничувања, пишува хрватскиот портал Индекс.
Како што потсетуваат, во Шведска во април минатата година, дневниот број на смртни случаи беше над 100, имаше над 500 пациенти заразени со коронавирус кои беа на интензивна нега, а ситуацијата беше особено тешка во домовите за стари лица.
Светот ја следеше ситуацијата во неверување, особено ако се земе предвид дека главниот државен епидемиолог Андерс Тегнел ја прифати стратегијата со многу препораки, но многу малку реални ограничувања, пишува порталот.
Многу експерти веруваа дека Шведска експериментира со сопствената популација, дека десетици или дури стотици илјади луѓе ќе умрат до летото, односно дека болничкиот систем ќе се распадне поради инвазијата на пациенти.
Среде растечката пандемија, за која во тоа време немаше вакцини или напредни медицински третмани, за британската платформа Анхрид истапи шведскиот епидемиолог со светска слава, 71-годишниот Јохан Гизеке, ментор на Тегнел и еден од неговите претходници.
Според Индекс, изјавите на Гизеке во голема мера ја отсликуваат официјалната позиција на шведската епидемиолошка струка и Институтот за јавно здравје.
Беа потполно шокантни и речиси спротивни од правецот во кој се движеше цела Европа.
„Локадаунот не може да функционира во демократии, односно, во најдобар случај, може да се воведе како еднократна и краткорочна мерка, како еден куршум што треба да се испука во вистинско време. Нема научна основа за повеќето епидемиолошки мерките кои се воведуваат низ Европа. Во цела Европа за една година ќе биде приближно исто, разликите ќе бидат најмногу околу 20 проценти“, рече Гизеке.
Според авторот на текстот, денес нема сомнение дека Тегнел и Гизеке, барем, не згрешиле.
Иако основните училишта одржуваа настава нормално, иако сите продавници, трговски центри, ресторани, градинки, кина, јавен превоз, спортски сали, скијачки центри, кафулиња и други активности беа отворени, иако немаше локадаун, задолжително носење маски или затворање на границите, Шведска денес стои подобро од повеќето европски земји во однос на вкупната смртност од Ковид-19, како и смртноста во пандемијата и падот на економската активност.
Според порталот, вкупно 14.656 шведски државјани починале од коронавирус до петокот, и сите оние што починале со позитивен PCR тест се вклучени во тој запис, без оглед на причината за смртта.
Во болниците има 109 пациенти со дијагноза „Ковид-19“, од кои 16 се на одделенијата за интензивна нега.
Во последниот месец, на национално ниво, се регистрираат од 1.500 до 2.100 новозарзени лица неделно, додека во најлошите пандемски денови, на крајот на декември 2020 година, имаше до 10.000 нови случаи во 24 часа.
Кога станува збор за економските показатели, БДП на Шведска во јуни беше 2,5 проценти поголем отколку во претходниот месец и дури 10 проценти повисок отколку во јуни 2020 година.
На крајот на мај годинава, шведската економија ги компензираше сите загуби во пандемијата, а вкупниот пад на економската активност минатата година беше 2,8 проценти, односно трет најмал во Европската унија.
Како што се додава, фактот дека Швеѓаните, кои традиционално сакаат да патуваат и трошат многу на патувања, минатата и летово масовно ги минуваа одморите во својата татковина, исто така, во голема мера придонесе за силното економско закрепнување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата