Германскиот министер за финансии: Повеќе не зависиме од руската енергија

Тој тврди дека неговата земја целосно ја диверзифицирала својата енергетска инфраструктура од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година.
„Да, се разбира дека Германија сè уште зависи од увозот на енергија, но денес не од увозот од Русија, туку од глобалниот пазар“, рече Линднер, истакнувајќи дека нашле нови извори за снабдување со енергија. Германија порано увезуваше околу половина од својот гас од Русија.
На Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Линднер укажа на брзината со која е изграден нов терминал за течен природен гас во Германија, за рекордни осум месеци. Посочува дека планираат дополнителни инвестиции во инфраструктурата. „Ова е само (еден) пример за огромна промена во германската политика“, рече тој.
„Сфативме дека мораме да ја зајакнеме нашата конкурентност по ерата на канцеларката Меркел. Таа ера беше фокусирана на силните страни од минатото, а сега ги развиваме силните страни на иднината“, рече германскиот министер за финансии. Тој е оптимист за податоците кои сугерираат дека инфлацијата во Германија го достигна својот врв минатата година.
Извор: Би-Би-Си