logo
logo
logo

Германија се повлекува од воздухопловната база во Нигер

Vecer | 06.07.2024

Германија се повлекува од воздухопловната база во Нигер

Германија ќе ги повлече своите сили од воздухопловната база во Нигер, откако не постигна договор со нигериските власти за правниот имунитет на својот воен персонал, соопшти Министерството за одбрана во парламентот во Берлин, јави ДПА.

Воздухопловната база Нијамеј, клучен фактор во напорите на Западот за спречување на тероризмот во регионот, ќе биде затворена на 31 август, кога сите војници стационирани таму ќе се вратат во Германија.

Според известувањето на Министерството за одбрана до парламентот, до кое увид имаше ДПА, владата ги „преоценила“ промените во ситуацијата во последните недели и донела одлука да се повлече.

„Нацрт-договорот што ни го достави Нигер не може да послужи како основа за преговарање за договор за статусот, ниту според неговата природа, ниту според неговата содржина“, напиша Министерството за одбрана. Имунитетот на германските војници не е загарантиран, а позициите на двете земји се далеку една од друга, велат од германското МО.

Преговорите за договорот за статусот се прекинати, а проектите за соработка и обука на германските Министерство за одбрана и Министерство за надворешни работи повеќе нема да се спроведуваат, соопшти ресорот на министерот Борис Писториус.

Воздухопловната база Ниамеј служеше како логистички центар за мировната мисија на ОН во соседен Мали (MINUSMA), која беше основана во 2013 година и беше распуштена пред една година.

Армијата на Нигер ја презеде контролата врз земјата со државен удар на 26 јули минатата година. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk