Мерките би можеле да вклучат намалување или дури и запирање на инвестициите и издавање извозни гаранции за Кина и стопирање на промоцијата на кинеските саеми и обуката на кинески менаџери.
Заемите од државниот заемодавач KfW би можеле да се пренасочат на проекти во други азиски земји, како што е Индонезија, во согласност со обидите на владата да ја диверзифицира трговијата и да ги прошири деловните врски со она што Министерството го нарекува демократии.
Министерството, исто така, размислува да ги провери не само кинеските инвестиции во Германија, туку и германските инвестиции во Кина. Владата, исто така, размислува да поднесе жалба до Светската трговска организација, заедно со членките на Г7, поради нефер кинескиот трговски практики, вели друг извор.
„Треба да му покажеме на Пекинг дека сме подготвени да се бориме за принципите на правдата“, вели изворот. Портпаролот на Министерството за економија одбил да ги коментира наведените конкретни мерки, но рече дека Министерството размислува за насочени мерки „за поддршка на диверзификацијата на трговијата и синџирите на снабдување и зајакнување на отпорноста“.
Министерството веќе одлучи дека повеќе нема да дава гаранции за инвестиции за проекти во регионот Ксинџијанг и ќе им ги ускрати на компаниите со деловни односи во регионот, наведувајќи ја загриженоста за кршењето на човековите права и недостатокот на веродостојни информации.
Во мај, поради Ксинџијанг, на Фолксваген му беа одбиени гаранциите за нови инвестиции во Кина. Новите планови на владата означуваат отстапување од политиката на Берлин за време на поранешната канцеларка Ангела Меркел, која често патуваше во Кина и со себе носеше големи деловни делегации. Додека таа беше на чело на германската влада, кинеско-германските економски врски доживеаја бум.
Кина стана најголемиот трговски партнер на Германија во 2016 година, поткрепувајќи го растот на најголемата европска економија базирана на извоз. Лани нивната трговска размена надмина 245 милијарди евра. Германските производители на автомобили се особено изложени на кинескиот пазар. Така, Volkswagen остварува приближно половина од својот профит во Кина.
Германија и Европа, исто така, набавуваат суровини од Кина, особено ретки метали. По извештајот дека Берлин ја преиспитува својата трговска стратегија, кинеското Министерство за надворешни работи објави дека Пекинг се надева на „прагматична и рационална“ германска економска политика кон Кина, пренесува агенцијата Дпа.
Најголемата европска економија мора да внесе „позитивна енергија“ во заемно корисната соработка со Кина, бидејќи во спротивно, „оние што ќе ископаат дупка под другата, самите ќе паднат во неа“, изјави за новинарите портпаролката на кинеското министерство Мао Нинг.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата