logo
logo
logo

Германија го одбележува Денот на обединувањето со церемонија во Шверин и протест во Берлин

Vecer | 03.10.2024

Германија го одбележува Денот на обединувањето со церемонија во Шверин и протест во Берлин

Секоја година различен германски град е домаќин на официјалната церемонија, која го одбележува датумот на обединувањето на Германија во 1990 година, по падот на Берлинскиот ѕид годината претходно. Денот е неработен за целата земја.

Се очекува канцеларот Олаф Шолц и претседателот Франк-Валтер Штајнмајер да присуствуваат на прославата во Шверин, која ќе се одржи во државниот театар на Мекленбург, во присуство на 450 гости.

Покрај Шолц, говор ќе одржи и премиерката на провинцијата Мекленбург-Предна Померанија, Мануела Швезиг, која е домаќин на церемонијата како претседателка на Бундесратот – горниот дом на германскиот парламент.

Швезиг вчера го отвори тридневниот фестивал за граѓаните во Шверин. Сите сојузни покраини, Бундесратот, Бундестагот (долниот дом на парламентот), министри и многу институции се претставуваат со свои штандови. Предвидена е и разновидна културна програма.

Во меѓувреме, движењето „Никогаш повеќе војна“ ќе протестира годинава против плановите за распоредување на американски ракети во Германија, како и против војните во Украина и Блискиот Исток, и германските испораки на оружје за Украина и Израел.

Левичарската популистичка лидерка Сара Вагенкнехт, политичарот од Социјалдемократите Ралф Штегнер и Гезине Леч од крајната левица ќе се обратат пред демонстрантите во Берлин.

Организаторите пред берлинската полиција регистрирале демонстрација со учество на 25.000 лица.

Движењето повикува на преговори за итно прекинување на воените дејствија во Украина и Газа, како и спротивставување на распоредувањето на американски ракети со среден дострел во Германија од 2026 година, што го најави канцеларот Шолц.

Здружението на Украинците во Германија свика контрапротест под мотото „Вашиот мир е наша смртна пресуда“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk