logo
logo
logo

Франција обвинува: Кина шири дезинформации за француските борбени авиони

Vecer | 06.07.2025

Франција обвинува: Кина шири дезинформации за француските борбени авиони
Видео: Извештај за француските обвиненија кон Кина

Француските воени и разузнавачки извори тврдат дека Кина преку дипломатски канали ширела дезинформации по сопствените амбасади, со цел да внесат сомнеж во способноста на француските воени авиони Rafale. Ова доаѓа по нивната употреба во мајските судири меѓу Индија и Пакистан.

Според француските службеници, Кина се обидува да ја наруши репутацијата на Rafale и да ги демотивира земјите кои веќе имаат нарачано овие авиони – како Индонезија – да продолжат со понатамошни купувања. Истовремено, Кина ги охрабрува потенцијалните купувачи да изберат кинески авиони наместо француски, објави Associated Press.

Воени експерти анализирале како пакистанската воена техника, најмногу набавена од Кина, се справила против опремата на Индија, вклучувајќи ги и Rafale. Пакистан тврди дека нејзините пилоти успеале да соборат пет индиски авиони, меѓу кои и три Rafale. Индија признава дека изгубила дел од своето воздухопловство, но не соопштила точен број.

До неодамна, Rafale важеше за еден од најреномираните борбени авиони во светот. Франција сега се обидува да ја ублажи настанатата штета врз репутацијата на овој модел. Иако директна поврзаност до кинеската влада за онлајн антиреклама нема, француски извори велат дека дел од пораките ги шират токму кинески дипломатски претставници.

Француското Министерство за одбрана посочи дека Rafale бил предмет на „масовна кампања за дезинформирање“, која имала цел да го промовира „превземството на конкурентните производи, особено оние со кинеско потекло“.

Пекинг ја негира вмешаноста во оваа информациска војна. Од Министерството за национална одбрана на Кина изјавија: „Наведените тврдења се целосно неосновани гласини и клевети. Кина отсекогаш посветено води одговорна политика при воениот извоз и игра конструктивна улога за регионалниот и глобалниот мир.“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk