Три лица починаа, а уште три се разболеа откако на холандскиот крузер наводно изби хантавирус, кој го пренесуваат глодари и кој може да предизвика фатална респираторна болест. Ројтерс, повикувајќи се на изјави на државните власти и медиумски извештаи, пренесува дека холандската туристичка компанија „Oceanwide Expeditions“ потврдила дека управува со сериозна медицинска ситуација на бродот за поларни експедиции „MV Hondius“. Бродот моментално се наоѓа во близина на брегот на Зелениот Рт (Капе Верде), островска држава во Атлантскиот Океан, западно од африканскиот континент.
Крузерот испловил од Аргентина пред приближно три недели со околу 150 патници и застанал на Антарктикот и на други локации на патот кон Зелениот Рт. Портпаролот на холандското Министерство за надворешни работи потврди дека двајца холандски патници го загубиле животот, без да наведе дополнителни детали за нивниот идентитет. Светската здравствена организација објави дека еден од болните патници се наоѓа на одделот за интензивна нега во Јужноафриканската Република, додека медиумите известуваат дека станува збор за британски државјанин.
Светската здравствена организација веќе започна истрага за избивањето на овој вирус на бродот. Според соопштението на агенцијата, лабораториските тестови досега потврдиле дека кај едно од шесте заболени лица со сигурност е дијагностициран хантавирус. Надлежните продолжуваат со следење на состојбата за да се спречи понатамошно ширење на болеста меѓу останатите патници и екипажот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата