Инцидентите со беспилотни летала ја вознемируваат Европа со недели, а Данска сега предупредува дека „постои висок ризик од саботажа против нивните вооружени сили“. Ова се зборовите што ги упати шефот на Данската служба за одбранбено разузнавање (FE) Томас Аренкиел во петокот, објавува Ројтерс.
Премиерката Мете Фредериксен претходно ги нарече нападите со беспилотни летала на нивна територија хибриден напад врз нацијата, а денес данската разузнавачка служба јасно го покажа прстот кон Русија и заклучи дека тоа е земја што води хибридна војна против Данска и Западот. Аренкиел го изјави ова на прес-конференција во Копенхаген, пишува Дер Шпигел.
Аренкиел, исто така, додаде дека Русија сака да создаде неизвесност и поделби меѓу сојузниците на НАТО, а теоријата дека Москва има намера да го принуди Западот да ја намали својата поддршка за Украина станува сè попопуларна.
Многу е веројатно дека хибридната закана на Русија против НАТО ќе продолжи да расте во наредните години, пишува Данската служба за одбранбено разузнавање во својата проценка на заканите.
„Русија сака да веруваме дека постои непосредна закана од војна. Тие сакаат да живееме со тој страв“, рече Аренкиел.
Поради недостаток на цврсти докази, останува нејасно кој навистина стои зад упадите со беспилотни летала. Сепак, постојат шпекулации дека Русија можеби има некаква врска со нив, тврдења што Кремљ ги негираше. Истрагите за инцидентите се во тек, рече Аренкиел, пишува „Дер Шпигел“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата