Турскиот гувернер, кој беше сменет од функцијата по негативните реакции на неговите фотографии на кои вози велосипед во спортски шорцеви, доби поддршка од илјадници поддржувачи кои бараат тој да се врати на должноста, пренесува денес Би-би-си.
Мехмет Фатих Чичекли, гувернер на североисточната провинција Ардахан, беше сменет минатата недела.
Не е наведена причината за неговото сменување.
Одлуката за сменување беше донесена по критиките поради неговото облекување и активностите на социјалните мрежи. „Цел ден се занимава со објавување содржини на социјалните мрежи и цел ден носи велосипедистички шорцеви“, гласеше критиката на еден политичар, пратеник во турскиот парламент, на сметка на Чичекли.
Чичекли се бранеше, велејќи дека тоа е стандардна, вообичаена велосипедистичка опрема.
Запрашан што планира да прави по сменувањето од функцијата, Чичекли одговори дека „ќе продолжи да ги врти педалите“.
Сменувањето на Чичекли уследи откако тој привлече внимание со споделување снимки на социјалните мрежи како вози велосипед, пишува BBC на српски. Чичекли ги покани луѓето да организираат фестивал на велосипедизмот во Ардахан и сподели снимки од големи групи кои учествуваат во велосипедистички трки. Објави и снимка како весла на езерото Чилдир, велејќи дека таквите активности ја покажуваат „обединувачката моќ на спортот“.
Неговата активност на социјалните мрежи предизвика критики кај некои политичари.
На почетокот на јули, пратеникот на Републиканската народна партија (CHP) Инан Акѓун Алп го критикуваше Чичекли дека само се занимава со објавување содржини на интернет.
„Во последно време владее помпезност и занес кај гувернерите кои користат TikTok. Тоа е неодговорно и недостојно за државна функција. По цел ден шета меѓу луѓето, носејќи тесни велосипедистички шорцеви. Така еден гувернер не се однесува“, рече Алп, повикувајќи ја владата да „ги смени таквите гувернери или да им испрати лист од винова лоза“. Со декретот што на 17 јули го потпиша турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше најавено дека Чичекли ќе биде сменет од функцијата.
Следниот ден, на веб-страницата Change.org беше покрената онлајн петиција „Гувернерот на Ардахан Мехмет Фатих Чичекли треба да остане на функцијата“, а до 21 јули беа собрани околу 10.000 потписи.
Во петицијата се наведува дека Чичекли не само што „остварил значајна работа“ во областите како што се спортот и развојот на младите, туку и помогнал за развојот на велосипедистичкиот туризам. Чичекли, роден во 1976 година, стапи во државна служба во 2004 година. По разни функции, меѓу другото и позицијата гувернер на покраината Караман, во јануари 2026 година беше именуван за претседател на управата во Ардахан. Поради работата за време на мандатот како гувернер на округот Јениџе, а посебно поради развојот на туристичките проекти, во 2010 година доби државна награда за најдобар управник на некој регион таа година.
Едно време беше и заменик-гувернер на Истанбул, а по изборите во 2023 година беше именуван на висока позиција во Министерството за внатрешни работи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата